Линкови за пристапност

Браун:  Големите економии прават напредок во справување со економската криза


Британскиот премиер Гордон Браун смета дека 20-те најголеми економии во светот прават напредок во справување со глобалната економска криза воочи нивната средба неделава во Лондон. Браун кажа дека секоја поголема економија презела чекори за стимулирање на растежот, меѓу што и координирани намалувања на каматните стапки, даночни олеснувања и зголемено трошење на проекти од јавен интерес. Тој говореше во Лондон, по средбата со австралискиот премиер Кевин Рад.

Групата 20 најразвиени економски земји (Г-20) во четврток ќе се собере во Лондон на еднодневна средба. Според нацрт-коминикето до кое дојде Ројтерс, Г-20 ќе даде повеќе пари на Меѓународниот монетарен фонд, со цел тој да дава заеми на сиромашните земји погодени од кризата. Документот наведува и дека главните економии во светот ќе се воздржат од протекционистичка трговска политика и деваулација, што би можело да се одрази на шансите за обнова на другите земји. Во коминикето не се споменуваат планови за зголемено трошење за да се поттикне глобалната побарувачка.

Британскиот премиер Гордон Браун и американскиот претсдател Барак Обама ги повикаа другите земји-членки на Г-20 да го зголемат трошењето наменето за стимулирање на економијата, но некои европски земји велат дека веќе потрошиле доволно.

Британскиот секретар за надворешни работи Дејвид Милибенд во понеделникот се обиде да ги намали очекувањата од самитот, велејќи дека тој никогаш немал за цел да обезбеди спогодба за дополнително трошење за проекти од јавен интерес. Австралискиот премиер Рад, пак, смета дека за деталите за нови стимулативни мерки ќе се расправа по самитот.

Се очекува Русија на средбата да повика на реформа на глобалниот финансиски систем што на земјите во развој би им дало поголем збор во меѓународните институции. Руски претставници наведуваат дека претседателот Димитри Медведев ќе предложи и создавање на нов валутен систем во меѓународните финансии, што не би се потпирал на американскиот долар.

Италијанскиот министер за труд Маурицио Сакони, пак, смета дека земјите во справувањето со кризата мора да ја подобрат својата социјална политика. Тој на меѓународен собир во Рим кажа дека гарантирањето на средства за невработените може да поттикне на економски опоравок преку враќање на нивната доверба во иднината.

Членки на Г-20 се: Аргентина, Австралија, Бразил, Велика Британија, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Канада, Кина, Мексико, Русија, САД, Саудиска Арабија, Турција,Франција, како и Европската Унија, претставена од ротирачкото претседателство и Европската централна банка.


XS
SM
MD
LG