Линкови за пристапност

Тешки предуслови за автомобилските компании да добијат натамошна владина помош


Американските автомобилски производители Џенерал Моторс и Крајслер, кои добија милијарди долари итен владин заем за да избегнат колапс, не направиле доволно промени за да добијат натамошна владина помош. Вака смета американскиот претседател Барак Обама, кој во понеделникот го повика генералниот директор на Џенерал Моторс Рик Вагонер да поднесе оставка и и` даде на компанијата 60 дена да изготви подобар план за реструктуирање.

Џенерал Моторс соопшти дека на местото на Вагонер ќе дојде Фриц Хендерсон, досегашен претседател на компанијата и директор за операции. Автомобилскиот гигант исто така најави дека ќе смени поголем дел од управниот одбор.

Гувернерката на Мичиген Џенифер Гранхолм – сојузна држава каде е базирана американската автомобилска индустрија – кажа дека Вагонер практично е „жртвено јагне" на Џенерал Моторс и дека се согласил да се повлече за доброто на компанијата и вработените во неа.

Претседателот Обама во понеделникот оцени и дека третиот по големина автомобилски производител во САД, Крајслер, стои уште послабо и дека не ќе може да опстане без да влезе во корпоративно партнерство. Обама му даде на Крајслер 30 дена да склучи таков договор со Фиат. Кусо време по коментарот на Обама, претставници на Крајслер рекоа дека со Фиат се согласиле околу рамката на договорот.

Обама ја покрена и можноста американските автомобилски компании да минат низ вид на банкрот што би овозможил да биде елиминиран дел од долгот на компаниите, а тие да се реорганизираат и да се вратат во нормала.

Џенерал Моторс и Крајслер веќе добија над 17 милијарди долари во вид на заем од владата, а побараа дополнителни 21 милијарда. Третиот главен производител, Форд, не побара помош.

XS
SM
MD
LG