Линкови за пристапност

Поддршката за повеќе пари за стимулирање на економијата опаѓа пред самитот на Г20


Има се повеќе индикации дека барањата за вложување дополнителни средства за поттикнување на економското опоравување ќе бидат игнорирани на овонеделната средба на светски лидери.

Американскиот претседател Барак Обама и британскиот премиер Гордон Браун вршеа притисок за дополнителни стимулирачки мерки пред средбата на Групата 20 што се одржува неделава во Лондон. Но, документот од Г20, до кој дојде британскиот весник „Фајненшал Тајмс", не содржи специфични планови.

Наместо тоа, документот ја потенцира потребата државите да избегнуваат акции што би нанеле штета на слободната трговија и се залага за некаков договор за поголема регулираност на банкарската индустрија.

Во неделата, австралискиот премиер Кевин Руд кажа дека секаков разговор за дополнителни стимулативни мерки ќе треба почека до после самитот.

Во интервју за „Фајненшал Тајмс" претседателот Обама кажа дека е оптимист оти на самитот на Г20 ќе се воспостави рамка за економско опоравување, велејќи дека лидерите знаат дека мора да „испратат силна порака на единство".

Обама во вторник треба да замине за Лондон.

Сепак, некои на недостигот на согласност за глобално економско стимулирање гледаат како на неуспех на домаќинот на самитот, британскиот премиер Гордон Браун, за кого велат дека поставил нереални цели пред средбата.

Во меѓувреме,демонстрации веќе започнаа на лондонските улици пред почетокот на самитот, изразувајќи лутина заради економското опаѓање што има влијание на нивното секојдневие.

Групата 20 е воспоставена пред една деценија за да ги здружи претставниците на клучните индустријализирани и економии во развој на разговори за глобални економски прашања.

Членки на Г20 се: Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Велика Британија и САД, како и Европската Унија, што е претставена од ротирачко претседателство на Советот и Европската централна банка.

XS
SM
MD
LG