Линкови за пристапност

Американскиот амбасадор во Грција очекува напредок во спорот со името – следната година


Амбасадорот на САД во Грција, Даниел Спекхард , во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон беше поканет да зборува за американско-грчките односи во светлина на политиката на новата американска администрација.

Како прашања што можат да имаат големо влијание на тие односи и на ситуацијата во регионот, тој ги спомена трите големи предизвици со кои е соочена Грција денес – Турција, Кипар и проблемот со името со Македонија. Сепак, низ неговото излагање Македонија ниту еднаш не беше спомената со име поинакво од „соседот на Грција". На прашањето - што САД планираат да сторат на план на решавање на овој спор, амбасадорот вака одговори:

„Важноста на решавање на прашањето не е само за Скопје, туку и Атина многу ќе добие со тоа и тие тоа го знаат. Економскиот развој што ќе се случи во регионот како резултат на тоа, политичката стабилност што е веројатно дека ќе зајакне кај нивниот сосед, сето тоа е важно за Грција. Предизвикот е како да се дојде до тоа. Јас секогаш сум сметал дека ова е нешто што двете земји треба заедно да го решат. САД ќе ги поддржат нивните напори. Ние како пријатели на двете земји ќе сториме што можеме кога од нас тоа ќе биде побарано, да ги овозможиме тие преговори, да ги поддржиме, но тие треба да го сторат тоа, преку процесот во ОН како структура за нашиот ангажман да се постигне успех. Од моето искуство во дипломатската кариера знам дека кога на САД се гледа како да сакаат нешто повеќе, кога посилно се ангажираат, тогаш нашето време не е нивно време, и на некој начин стануваме триаголник, и престанува да биде билатерален ангажман. Затоа јас мислам дека ние ќе продолжиме да го поддржуваме тој процес, но тие две земји треба да се ангажираат преку ОН да се заврши работата. Лично се надевам дека следната година ќе видиме некаков прогрес, знам дека истото го кажав минатата година, но јас сум оптимист и заради тоа што ова е политичка сезона кај соседот на Грција и кога во не толку далечна иднина тоа ќе остане зад нас, ќе биде полесно да се насочи вниманието на суштината за да се најде решение што ќе биде прифатливо за Грција и нејзиниот сосед".

Амбасадорот Спекхард додаде дека е добро што медијатор е Метју Нимиц, зашто, како што рече, не познава никој друг со толкаво познавање не само на актуелнаса ситуација туку и за историјата на регионот. Ова само навидум изгледа лесно прашање, но во суштина е многу комплексно, рече амбасадорот, и ви треба медијатор кој ќе се носи рамо до рамо со преговарачите не само во однос на историскиот контекст туку ќе ги знае и културните интереси на овете страни.


XS
SM
MD
LG