Како што и се очекуваше, фокусот беше на економијата. Обама смета дека усвојувањето на неговиот предлог-буџет во Конгресот е од клучно значење.
За време на прес-конференцијата која во вторникот навечер во ударен термин беше пренесувана во живо од сите телевизии на национално ниво, Обама оцени дека кризата е резултат на „многу неуспеси“ изминатите години, дека САД ќе се опорават од рецесијата, но дека ќе бидат потребни многу месеци и решенија да се најде излез од неа.
Претседателот рече дека неговата администрација започнала сеопфатна стратегија за решение за кризата на сите фронтови. Обама ги спомена мерките за креирање нови работни места, помош за сопствениците на домови, поттикнување на пазарот со издавање кредити, како и растеж на економијата на долги патеки.
Тој смета дека земјата мора да донесе тешки одлуки за намалување на дефицитот на половина до крајот на неговиот прв мандат, па затоа ги повика Американците да гледаат кон иднината со обновено чувство за заедничка цел и поинаква определба.
Обама верува оти ќе има силна поддршка за реструктуирање на прописите со цел да се осигура дека големите осигурителни конгломерати како Американ Интернешенал Груп – АИГ во иднина нема да се најдат на раб да пропаст. Тој рече дека нацијата ги нема неопходните средства да преземе компанија како АИГ и да ја извлече од економската криза и затоа смета дека владата треба да има такви ингеренции.
Американскиот претседател истакна дека неговата администрација прави се` што е во нејзина моќ да го намали големиот буџетски дефицит, но призна дека тоа е тешка задача.
Критичарите на економската политика на претседателот Обама предвидуваат буџетски дефицит од 9,3 трилиони долари во следните 10 години. Тој потсети дека наследил таков дефицит и оти и Републиканците имаат удел во тоа, подвлекувајќи оти засега не успеале да излезат со алтернатива.
Обама рече дека во буџетот мора да бидат вклучени реформите во здравствениот сектор, како и енергетска политика која ќе ги ослободи САД од зависноста од странска нафта. Тој подвлече дека сака инвестиции во образованието.
Претседателот Обама за време на 50 минутната прес-конференција, на која одговараше на прашања од дописници од Белата куќа, коментираше дека американскиот долар е силен затоа што САД се најсилна економија во светот.