Линкови за пристапност

Обама ќе патува за Европа, ќе се фокусира на економијата и ситуацијата во Авганистан 


Забавената светска економија и потрагата по нова стратегија за Авганистан се очекува да бидат на врвот на дневниот ред на првата официјална посета на Барак Обама на Европа откако стапи на функцијата претседател. Обама ќе замине за Европа на 31-ви март, а ќе учествува на самитот во Лондон посветен на глобалната економска криза, како и на НАТО-самитот во Германија и Франција.

За време на предизборната кампања, Обама го посети Берлин, и тој настап стана еден од неговите најзначајни настапи во предизборниот период. Обама тогаш подвлече дека „Америка нема подобар партнер од Европа“ и зборуваше за нова ера во транс-атланските односи:

-Точно е дека имало разлики во ставовите меѓу Америка и Европа. Без сомнение, разлики ќе има и во иднина. Но, потешкотиите на глобалното државјанство и натаму не сплотуваат.

За време на претстојната посета, Европејците ќе чекаат да видат дали претседателот Обама ќе ги претвори зборовите во дела. Самитот во Лондон на 20-те светски најголеми економии, ќе биде првата шанса на Обама да го стори тоа. Реџиналд Дејл од Центарот за стратешки и меѓународни истражувања во Вашингтон коментира дека економската криза е од клучно значење:

-Зошто сите гледаат кон САД како на лидер? Ова е време на економска криза. Сите не` засегна.

Претседателот Обама е мошне популарен меѓу Европејците, за разлика од неговиот претходник, Џорџ Буш. Обама би можел да го искористи тој политички капитал при оваа посета, сугерира Џон Глен, директор за надворешна политика при Германскиот Маршалов Фонд во САД.

-Беше релативно лесно за европските лидери да му кажат „не“ на Џорџ Буш. Ќе биде многу потешко така да му кажат на Барак Обама.

Поддршката на воените напори во Авганистан ќе биде на врвот на дневниот ред на американскиот претседател на престојниот НАТО самит. Токму тука може да се судрат европската поддршка за Обама и европското противење на војната.

-До тој степен што претседателот Обама ќе презентира план и ќе рече – се обидовме да ги земем предвид вашите причини за загриженост. Потоа, ќе зборува, но и ќе слушне што имаат да кажат другите. Со тоа би се зголемиле шансите од самитот да се врати со поголема поддршка од европските лидери.

Американскиот потпретседател Џо Бајден и државната секретарка Хилари Клинтон веќе ја посетија Европа. Експертите велат дека пристапот на новата влада е дефинитивно да се истакне американскиот став, но и да се слушне оној на другата страна.

Владата на поранешниот претседател Буш создаде разлика меѓу старите сојузници на запад и новите демократии на исток, каде неговата политика беше популарна. Од претседателот Обама, пак, се очекува да посегне по лидерите ширум континентот.

По самитот на НАТО, Обама заминува за Чешката Република. Последна станица од турнејата ќе биде Турција, и се шпекулира дека токму во Истанбул ќе се случи долгоочекуваното обраќање на Обама до муслиманскиот свет.

XS
SM
MD
LG