Линкови за пристапност

Обама ја повика Групата 20 на смела економска акција


Американскиот претседател Барак Обама ги повика светските лидери да преземат „смела, сеопфатна и координирана акција“ за да поттикнат економска обнова и да спречат натамошна криза.

Во мислењето објавено на страницата за коментари на „Интернешенал хералд трибјун“, Обама изразува надеж дека средбата на Групата 20 најголеми економии на светот (Г-20) идниот месец во Лондон ќе „галванизира колективна акција“. Тој ја повикува Г-20 да појде по примерот на официјален Вашингтон и да примени натамошни мерки за стимулирање на економијата, за да промовира растеж.

Американскиот претседател смета дека светските водачи треба да усвојат заедничка рамка за да обезбедат транспарентност и одговорност во глобалниот финансиски систем.

Кинеската централна банка исто така предлага промени во финансискиот систем во кој доминира американскиот долар. Во мислење објавено во понеделникот, гувернерот на банката Жу Ксиачуан повикува на нови глобални девизни резерви што ќе ги контролира Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Тој конкретно не го споменува американскиот долар, но затоа вели дека економската криза ја покажала опасноста од потпирање на валутата на една земја во меѓународните транскации. Се очекува Кина на средбата на Г-20 да изврши притисок земјите во развој да имаат поголем збор во глобалните финансии.

Директорот на ММФ Доминик Штраус-Кан вчера предупреди дека земјите во развој се соочуваат со драматичен пораст на невработеноста, што, смета Штраус-Кан, би можело да предизвика социјални немири, па дури и воени судири.

XS
SM
MD
LG