Линкови за пристапност

Врска меѓу климатските промени и здравјето


Според Светската метеролошка организација при ОН, постои тесна поврзаност меѓу временските и климатски системи и глобалното загадување. Организацијата додава дека овој тренд негативно се одразува по здравјето на луѓето.

ОН сметаат дека 90 проценти од сите природни катастрофи се поврзани со временските, климатските и промените во водените површини. Како важен фактор се наведува и квалитетот на воздухот.

Светската здравствена организација проценува дека секоја година кај околу два милиона луѓе е регистрирана прерана смрт, главно како резултат на загаденоста на воздухот и тоа во земјите во развој. СЗО додава дека се` послабиот квалитет на воздухот придонесува за влошување на здравјето кај веќе болните лица и придонесува за зголемување на смртните случаи како резултат на астма, срцеви заболувања и рак на бели дробови.

Токму оваа поврзаност меѓу климатските и временски промени и квалитетот на воздухот со здравјето на луѓето е темата на овогодишниот Светски метеролошки ден.

Генералниот секретар на Светската метеролошка организација, Мајкл Џаруд вели дека експертите се се` позагрижени за оваа појава.

„Кога зборуваме за квалитетот на воздухот, не мислиме само на сите оние традиционални загадувачи, туку тука се многуте штетни гасови, гасовите со ефект на стаклена градина, кои ги има во изобилство во долниот дел на атмосферата", вели Џаруд.

Научниците од Светската метеролошла организација го следат нивото на загадувачите на воздухот, како озонот на ниско ниво, смогот, сулфур диоксид и јаглерод моноксид. Повеќето од овие супстанции се директен резултат на индустриската, урбаната и автомобилската употреба на фосилните горива.

Џаруд додава дека анализата на овие податоци им помага на научниците да ја предвидат дистрибуцијата на потенцијално штетните загадувачи во атмосферата. Тој вели дека анализата е мошне важно да се направи во корелација со урбанизацијата бидејќи повеќе од половина од светската популација живее во урбани предели.

Светската метеролошка организација вели дека врз загаденоста на воздухот влијае и потоплата клима. На пример, климатските промени и искористувањето на земјиштето може да придонесат за зголемување на ризикот од песочни бури.

СМО на крајот додава дека климатските промени можат да резултираат и со пожари и тоа се` почести и поинтензивни. Се очекува и зголемување на сушата, што пак само ќе води до уште повеќе пожари.

XS
SM
MD
LG