Соединетите Американски Држави и` честитаа на Македонија и на нејзините граѓани на првиот круг на претседателските и локални избори одржани на 22-ри март.
Мериен Тусон, претставник за медиуми во Бирото за европски прашања на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски изјави дека луѓето во Македонија заслужуваат пофалба за тоа што излегле во голем број и се повика на првичната проценка на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите исполниле најголем број на стандарди на ОБСЕ и Советот на Европа за демократски избори, како и дека биле добро организирани, без насилство што ги засени парламентарните избори во 2008-ма. Тоа, кажа Тусон, демонстрирало капацитет за одржување на успешни избори, што е од круцијално значење за натамошниот напредок во Македонија во евро-атлантските интеграции.
- Гледаме на изборите како на значително подобрување споредено со параламентарните избори во јуни минатата година и ова е поддржано од прелиминарниот извештај на ОДИХР во кој стои дека изборниот ден минал без насилство или други поголеми инциденти, рече Тусон.
Стејт департментот истовремено ја повика Владата и другите релевантни инстанци во Македонија да го одржат таквото ниво за да се справат со преостанатите предизвици што беа забележани во прелиминарната проценка на ОДИХР, со што би осигурале гласањето во вториот круг на 5-ти април да се одржи во безбедни, слободни и праведни услови.