Линкови за пристапност

Холбрук ја претстави новата стратегија за Авганистан пред сојузниците во НАТО


Високиот претставник на САД за Авганистан и за Пакистан се сретна со членките на НАТО да им ја претстави новата стратегија за Авганистан изработена од администрацијата на Обама.

Ричард Холбрук се сретна со генералниот секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер во Брисел. Подоцна тој ги брифираше 26-темина амбасадори на НАТО.

Холбрук на безбедносна конференција во саботата рече дека САД ја разгледуваат можноста за значително зголемување на бројот на авганистанските полициски сили. Тој рече дека Вашингтон ги разгледува плановите за борба против авганистанската трговија со опиум, која помага во финансирањето на талебанското бунтовништво.

Во неделата, претседателот Барак Обама во телевизиско интервју за телевизиската мрежа Си-Би-Ес рече дека САД мора да имаат излезна стратегија за Авганистан.

Претседателот рече дека врвен американски приоритет е да се обезбеди Ал-Каида да не може да ги нападне САД, нивните интереси и сојузници.

Новата администрација во Вашингтон наскоро ќе ја претстави новата политика за Авганистан, каде според официјални лица ќе бидат вклучени и напорите за стабилизирање на соседниот Пакистан.

XS
SM
MD
LG