"Задоволен
сум што гледам дека оваа држава направи бројни чекори напред кон демократскиот
пат", изјави потпретседателот на парламентарното собрание на ОБСЕ Пиа Крисмас –
Мелер. Според општата заедничка оценка на меѓународните набљудувачи на изборите
во Македонија, во првиот круг на претседателските и на локалните избори се
исполнети повеќето меѓународни стандарди, иако и натаму остануваат, како што
беше речено,
некои предизвици.
И
според прелиминарната оценка на на граѓанската асоцијација МОСТ која имаше најголем
број набљудувачи на неделните избори, првиот круг од претседателските и
локалните избори бил спроведен во мирна атмосфера и во најголем дел согласно
меѓународните стандарди. Според
извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов биле забележани „неправилности во
спроведувањето на гласачката процедура, случаи на семејно и групно гласање, но
немало евидентирани никакви инциденти во и околу избирачките места". Главни забелешки на набљудувачите на
МОСТ биле за неправилностите како: пропусти во раководењето со избирачките
списоци, нарушена тајност на гласање и делење листови со инструкции како и за
кого да се гласа, а било регистрирано и гласање без употреба на УВЕ-ламба и
безбоен спреј, како и неадекватна идентификација на гласачите.
Поради
минатогодишното трагично искуство со инцидентите на предвремените парлементарни
избори, главно во реоните населени си етнички Албанци, во кои имаше
и една жртва, во неделата околу изборните места беа распоредени и неколку
илјади полицајци. И Нивното присуство и работата на партиите за време на
кампањата како и укажувањата на странските дипломати, и пред се однесувањето на
граѓаните на Македонија, придонесоа овој пат изборите да бидат „скандинавски".
Во
ноќта по изборите и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски потенцираше
дека Македонија покажала оти има и капацитет и политичка волја да спроведе
мирни, фер и демократски избори.
„Македонија
помина низ едни од најуспешно организираните избори, без насилство со слободно
изразување на волјата на граѓаните. На изборите победија граѓаните и Република
Македонија, победи иднината која носи прогрес. Македонија демонстрираше
демократија со што се зацврсти европскиот и евроатлантскиот пат и се покажа
дека ги дели истите вредности со земјите од ЕУ и НАТО", рече Груевски.
Според
првичните збирни резултати на Државната изборна комисија по пребројување на
податоците кои по електронски пат стигнале од 2.823 од вкупно 2.976 избирачки
места или од околу 94 проценти избирачки места, на кои на гласање излегле
1.011.441 гласачи,
со одзив
од 56,44 отсто, на претседателските избори најмногу гласови – 343.374, освоил
претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов.
Според
претседателот на ДИК, Александар Новаковски, кандидатот на
СДСМ, Љубомир
Фрчкоски освоил 200.316 гласа, Имер Селмани од Нова демократија 146.795,
независниот кандидат Љубе Бошкоски 145.638, Агрон Буџаку од ДУИ 73.567, Нано
Ружин од ЛДП 39.645 и Мируше Хоџа од ДПА 30.281 гласа.
Според
ваквите резултати, во вториот круг по 14 дена, одат Иванов и Фрчкоски.
На локалните избори, според претседателот на ДИК, во првиот круг се избрани градоначалници во 32 општини, а во 45 општини ќе има втор круг. Во престолнината Скопје најмногу гласови добил кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски - 98.144, а во вториот круг оди и кандидатот на НСДП и СДСМ Тито Петковски со 57.568 гласови.
Досега
до ДИК не пристигнал ниту еден приговор, а 134-те избирачки места кои во
неделата не беа отворени поради лошите временски услови, според претседателот
на ДИК не влијаеле значајно врз резултатите.
За текот и квалитетот на изборниот процес, известуваа бројни странски медуими чија заедничка оценка е дека изборите кои беа клучен тест за евроаталантските аспирации и кои според еврокомесарот за проширување Оли Рен беа „момент на вистината" за Македонија - поминале мирно и без насилство. Странските медиуми го цитираат и евроамбасадорот Ерван Фуере кој изјавил дека изборите поминале добро, во мирна и позитивна атмосфера, како и новинарот Тим Џуда,според кого, изборите поминале мирно зашто за Македонија било особено важно да се организира изборен ден без инциденти поради членството на Македонија во ЕУ и НАТО.