Линкови за пристапност

Иранците приемчиви за пораката на Обама


Пораката на Барак Обама за подобри односи меѓу САД и Иран на денот на прославата на тамошната Нова година доби голем публицитет.

Иранската државна телевизија ја пренесе традиционалната новогодишна честитка од иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад, нарекувајќи го денот „ повторно раќање на љубов, пријателство и стремежи", но сепак, пораката од претседателот Обама беше она за што најмногу се зборуваше меѓу Иранците.

Советникот за односи со медиумите на претседателот Ахмединеџад, Али-Акбар Џаванфекр подвлече дека Иран ги поздравува повиците на претседателот Обама за подобри односи, но говореше со критички тон за поранешната американска политика спрема Иран покрај повикот за преземање конкретни чекори од страна на Обама: „Обама зборува за промени, но не презел никакви конкретни мерки за исправање на досега направените грешките на Америка спрема Иран. Ако Обама преземе конкретни акции и направи фундаментални промени во американската надворешна политика кон другите нации, вклучувајќи го Иран, иранската влада и нација нема да ја отфрлат подадената рака. Обама се осврна на разликите во ставовите меѓу Иран и САД. Ние сметаме дека тие разлики произлегуваат од непријателската политика на Вашингтон спрема Техеран. Мали промени нема да стават крај на разликите".

Помладите Иранци кои растеле по Исламската револуција во 1979-та, секогаш живееле во атмосфера на непријателска политика кон САД, која честопати беа окарактеризирани како Големата Сатана.

Нима Абаси, бизнисмен од Техеран, е охрабрен од можноста за подобрување на врските со САД, истакнувајќи дека тоа ќе биде позитивен развој на настаните.

Тој вака ја образложува актуелната состојба: „Ако двајца сакаат да зборуваат за нешто, и ако нема посредник меѓу нив и се се одвива на пријателски начин, тогаш ќе има почитување од обете страни".

Реза Хадејат, младо момче кое беше излезено на купување, исто така е охрабрен од пораката од претседателот Обама.

Тој вели дека ако Американците навистина имаат искрени заложби, треба да постојат релации и треба да се биде пријатели со сите. Пријателските и трговски врски ќе донесат придобивки и за Иран и за Америка".

Шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хавиер Солана, зборувајќи од седиштето од Брисел, исто така изрази оптимизам за ставот на претседателот Обама спрема Иран и покрај несогласувањата околу иранските нуклеарни активности: „Задоволен сум од содржината на пораката. Ова е конструктивна порака. Се надевам дека Иранците ќе ги забележат добрите намери искажани во пораката на Обама. Се надевам дека тоа ќе отвори нови релации со Техеран".

САД и Иран имаат долга историја на тензии, а последните години особено беа влошени меѓусебните односи поради сомневањата на западните нации за нуклеарната програма на Техеран и нивната поддршка за милитантните групи како Хезболах и Хамас.

Но, и покрај тензиите, администрацијата на Обама изрази подготвеност да работи со Иран. САД неодамна го поканија Техеран да учествува на меѓународна конференција во Авганистан, закажана за 31-ви март.
XS
SM
MD
LG