Линкови за пристапност

Профили на македонските претседателски кандидати:  Нано Ружин


„Името Македонија јас не сакам да го сменам, но сепак, тој - политичкиот слој има зголемена одговорност да мисли на иднината на граѓаните. Јас сум за достоинствен компромис.Треба да сме храбри и решителни“, изјави во кампањата 57-годишниот професор на Институтот за социјална политика Нано Ружин, претседателски кандидат на Либерално-демократската партија.

Некогашниот ракометар на професурата и се врати по седумгодишен амбасадорски стаж како македонски дипломатски претставник во НАТО во Брисел, каде во 2008-мата беше прогласен и за амбасадор на годината. Тој е прв претседател на македонскиот Евроатлантски клуб, а во својата политичка кариера на два пати беше пратеник на СДСМ, но откако за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ ја продолжи дипломатската кариера, ги залади односите со својата партија и сега е кандидат на малата ЛДП која самостојно ја истакна неговата кандидатура.

Глас на Америка на македонски:Споредслучувањата на македонската политичка сцена во последните 18 години, созреаа ли конечно условите за пошироко прифаќање на либералната идеја во Македонија?

Нано Ружин:Сметам дека во овој миг во Македонија владее еден систем на партократија, значи две големи политички партии со своите механизми, и затоа и оваа кампања во која што влеговме со оригинален слоган е пред се` во насока на намалување на демократската дефицитарност на оваа држава, а напоредно со тоа и на афирмирање на нови вредносни, идеолошки и политички категории кои ќе значат еден вид трета опција, меѓу постојните две. Така, сметам дека во таанасока - не само што е созреана идејата за либерално-демократската опција, туку и дека се` поактуелна е една идеја која произлегува од оваа опција, а тоа е - би рекол дека во Македонија созреа времето и за една мултиетничка партија.

Глас на Америка на македонски:На почетокот на кампањата изјавивте дека Македонија е дефицитарна со демократија. Кои се причините за тоа?

Нано Ружин:Основните причини за тоа се што најнапред се соочуваме со една власт која е инсипирирана од некој модел на контролирана демократија, што ќе рече едно поделено општество: имате пожелни и непожелни бизнисмени, пожелни и непожелни синдикати, пожелна и непожелна стопанска комора, контролирани новинари и медиуми, контролирани граѓани. Јас знам еден таков систем кој што е воневропски и кој е инспириран од контролираната демократија, меѓутоа, неговата импементација, во смисла на тоа дека заслужувате толку демократија колку што имате општествен развиток, односно дека заслужувате толку демократија колку што имате смисла за демократија, е несоодветен, и на европските стандарди, и на нашето поднебје. Затоа, сметам дека таквиот вид на имплементирање на некоја воневропска демократија за нас е несоодветен, дотолку повеќе што на тоа ни обрнуваат внимание и самите наши европски сојузници и САД.

Глас на Америка на македонски:Како долгогодишен амбасадор на Македонија во НАТО, дали сте денес оптимист во поглед на брзината на интеграциите на Македонија во Алијансата и во ЕУ?

Нано Ружин:Се` зависи од нашата способност, токму во оваа нова политичка филозофија што ја афирмиравме, пред се` да најдеме заеднички јазик на национален план, да најдеме јазик со кој заеднички ќе зборуваат претседателот и премиерот, односно Владата, околу прашањето за името. Со оглед дека нашите политичари кога донесуваат таков вид на решенија се мошне калкулаторски расположени -бидејќи доколку прифатат компромис што може да ги деградира како политичари и како евентуални кандидати за следните избори во 2012-та - тогаш тие повеќе посакуваат Македонија да тапка во место, но да бидат победници, отколку да решат, да преземат еден храбар потег, односно да го доживеат Черчиловиот синдром. Знаете, Черчил го победи фашизмот и ја обедини Европа, но загуби на следните избори. Ако не се преземе ништо во однос на прашањето со името, тогаш ние ќе останеме каде што сме. Затоа, јас од мојот кабинет ќе направам еден форум на интелектуалци и претставници на сите политички партии, кои по усогласувањето на заедничкиот став кој е прифатлив, и за нашиот јужен сосед, заедно со мене како претседател, би го потпишал тој компромис и би ја тргнале државата кон НАТО и ЕУ.

XS
SM
MD
LG