Линкови за пристапност

Профили на македонските претседателски кандидати:  Ѓорге Иванов


Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, 49-годишниот валандовчанец Ѓорге Иванове професор на скопскиот Факултет за политички науки и тој беше најголемото кандидатско изненадување на претседателските избори. Како младински активист во некогашната југословенска младина, Иванов и како професор, и како експерт во македонската јавност важеше за близок до СДСМ и до левицата. Но, според обвинувањата на политичките противници, по 2004-тата, тој се приближувал кон десницата, со која ја споделувал приврзаноста кон антиката, за да стане и еден од креаторите на актуелната политика за спорот со името со Грција.

Глас на Америка на македонски: Колку инсистирањето на античките корени на етничките Македонци е компатибилно со тенденциите за евроатлантска интеграција на Македонија? Како ги коментирате обвиненијата дека ја прифаќате изолационистичката политика на актуелната Влада?

Ѓорге Иванов: Тоа се тезите на опозицијата со кои ја почнаа кампањата, но сите им паднаа во вода. По извештајот на Европскиот парламент и Резолуцијата упатена до Европската комисија, по посетата - прва на Македонија на претседавачот на ЕУ и според извештаите што ги имаме, укажуваат дека сите тези на опозицијата паднаа и таа нивна кампања доживеа дебакл. Истото се однесува и за антиката. Антиката е работа на науката, а не на политиката, бидејќи ние не сме виновни што на нашиот простор постоеле различни цивилизации од сите временски епохи. Ние сме обврзани како членка на УНЕСКО сето тоа богатство да го штитиме, да го чуваме и да го негуваме, па и да го покажуваме, бидејќи тоа е на овој простор. Така, не гледам тука некоја тема која може да ги засегне евроатланстските интеграции на Македонија. Друго е што опозицијата се обидува да го отвори тоа прашање за време на избори и да го потенцира како вина зошто не сме во НАТО. Генералниот секретар Робертсон неодамна изјави која е причината што не сме во НАТО.

Глас на Америка на македонски: Дали во Македонија постои процес на антиквизација?

Ѓорге Иванов: Антиквизацијата е со тоа што сме Македонци. Македонија е име од антиката. Значи, треба да престанеме да го користиме името Македонија за да ја спречиме антиквизацијата!? Темата е сосема несоодветна за избори. Таа е дебата за во научни кругови, дебата која се води меѓу интелектуалци. Во политиката расправаме за она што е визија, она што е концепт и наша иднина. Во таа иднина ние мора да ги покажеме нашите проекти и на тоа да се сведе кампањата, а не кампањата да вади прашања кои се користат да се заведе народот и да се конструираат обвинувања кои не држат.

Глас на Америка на македонски: Има ли воопшто решение за спорот со името кое би ги задоволило двете страни? Дали Македонија треба да прифати географска одредница?

Ѓорге Иванов: Спорот со името го почнаа политичари кои беа неодговорни и не` внесоа во еден лавиринт од кој не можеа да излезат и сега ни го оставија во наследство тоа прашање. Тоа прашање јас сум го проучувал повеќе од десет години - сите негови аспекти: и историски, и меѓународно-правни, и политиколошки, а во последно време и психолошки. Секогаш се навраќам на првиот преговарач, господинот Тошевски, кој беше најкомпетентен од сите преговарачи, дипломат со искуство кој ги знаеше меѓународните односи и суштината на проблемот. Тој секогаш поентираше дека Грција е таа која не сака да го реши спорот, а не Македонија. Македонија секогаш прифаќаше, почна со отстапки, го променивме и знамето, и Уставот, прифативме и едно име со кое само кај нас живее Југославија - БЈРМ, бидејќи не убедуваа дека тоа ќе трае само два-три месесци, а во меѓувреме не признаа 120 земји под нашето уставното име. Така, во главата на многу политичари постои целосна конфузија. Меѓутоа, ако се биде контруктивен, кооперативен и иновативен, процесот може да се доведе до крај, со наши придонеси. Сега имаме нов преговарач, ги поддржуваме преговорите, учествуваме во сите преговори, меѓутоа не можеме да остапиме од она што е витален интерес на македонската држава. Кој компромис и да биде, па и тој што го споменувате со географската одредница, не смее да биде на штета на интересите на оваа држава.

XS
SM
MD
LG