Линкови за пристапност

Иран внимателно го поздрави американскиот обид за приближување


Иран го поздрави повикот на американскиот претседател Барак Обама за подобри односи меѓу двете земји, но вели дека зборовите сами по себе не се доволни.

Алиакбар Џаванфекр, советник на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад, кажа дека САД мора да ги поддржат своите зборови со соодветни постапки. Тој изјави дека САД мора да се обидат да ја поправат штетата што ја нанеле претходно направените грешки. Советникот на иранскиот претседател додаде и дека Вашинтон треба да направи фундаментални промени во својот пристап кон односите со Техеран.

Шефот за надворешна политика на ЕУ Хавиер Солана коментираше дека повикот на претседателот Обама може да отвори „ново поглавје“ во односите со Иран.

Русија исто така го поздрави американскиот обид за приближување. Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изрази надеж дека пораката на Обама ќе доведе до нормализирање на односите меѓу Иран и Западот. Тој додаде дека Русија не гледа индиции дека Иран ја користи својата нуклеарна програма за армиски цели.

XS
SM
MD
LG