Американскиот претседател Барак Обама побара „нов почеток“ во односите меѓу Иран и САД, со поголеми можности за партнерство и трговија. Тој ова го кажа во снимена порака по повод празникот „новруз“ – кога Иранците, Курдите и други во регионот го слават доаѓањето на Новата година.
Обраќајќи се кон иранските водачи, Обама уважи дека постојат сериозни разлики, но подвлече дека неговата влада е посветена на дипломатија и остварување на конструктивни врски меѓу САД, Иран и меѓународната заедница. Тој рече и дека процесот на меѓусебна ангажираност нема да појде напред со закани, туку со искреност и обострано почитување. Иранското место во заедницата на нации не може да се заземе преку терор или оружје, туку со мирољубиви постапки, кажа американскиот претседател.
Ставот на Обама е во контраст на оној на неговиот претходник,поранешниот претседател Џорџ В. Буш, кој се обиде да го изолира Иран и го карактеризираше како дел од „оската на злото“.
Обама во пораката признава дека односите меѓу двете земји се затегнати речиси триесетина години, но дека денешниот празник е потсетник на „заедничката човечност што не поврзува“.
Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад има најавено дека Иран е подготвен за разговори со САД во атмосфера на „обострано почитување“. Американската државна секретарка Хилари Клинтон неодамна го покани Иран да учествува на меѓународна конференција за Авганистан.
САД и други западни земји тврдат дека Иран во нуклеарната програма работи на збогатување на ураниум, со цел да создаде нуклеарно оружје. Иран, пак, тврди дека нуклеарната активност е за мирољубиви, мирнодопски потреби.