Шестоооделенецот Велјан Митровски од мултијазичното основно училиште „Ојстер Адамс“ во Вашингтон победи на натпревар од областа на животната средина за изумот со кој се штеди електрична енергија преку поставување на соларни плочи на семафорите во главниот град на САД.
Велјан со жар во очите раскажува дека бил инспириран главната тема на проектот – како да се заштеди енергија, особено во ова доба на голема економска криза.
-Во овој проект споредував два генератори – соларен панел и рачен генератор. Најпрвин, направив споредба на соларниот генератор.Ставив крпа на него и чекав светилките да згаснат. Потоа, чекав неколку минути - повторно да се запалат, па ја ставив крпата и чекав повторно да згаснат. За рачниот генератор поставив пет светилки и сите се вкупно 600 волти. Пресметав колку пати треба рачката да се заврти за да се запалат сите сијалички.
За сите семафори во Вашингтон, 12-годишниот Митровски пресметал дека ако се инсталираат неговите соларни плочи, би се заштедиле точно 251 милијарда 942 милиони киловат-часови за една година.
-Кога ќе ја собере сончевата енергија, генераторот ја префрла во батеријата во соларниот панел и со поврзување на две жици – светилките се палат.
Велјан однесе награда на Саемот за математика, наука и технологија што на ниво на основни училишта секоја година се одржува во главниот град на САД.Неговите родители се на привремен престој во Вашингтон, така што тој планира да го презентира проектот и на соучениците во основното училиште „Димо Хаџи Димов“, кога ќе се врати во Скопје.
Се надева дека татко му ќе го одржи ветувањето и ќе му купи лап-топ компјутер за освоеното прво место. Кога не размислува како да го направи светот подобро место за живеење, ова момче е како сите други на таа возраст.Не пропушта ниту еден натпревар на омилениот фудбалски тим – „Вашингтон Редскинс“, а посакува и да појде на натпревар на кошаркарскиот тим „Вашингтон Визардс“ во НБА.