Линкови за пристапност

Обама со настапи во Калифорнија ја промовира својата економска политика


Американскиот претседател Барак Обама денес ја привршува дводневната посета на Калифорнија, каде ќе одговара на прашања на вработените во фабрика за алтернативни возила во Лос Анѓелес, а ќе гостува и во популарното „Шоу вечерва со Џеј Лено“ на ТВ-мрежата Ен-Би-Си, во обид да ја зголеми поддршката за својата економска политика.

Обама и вчера разговараше директно со граѓаните – околу 1.300 симпатизери во местото Коста Меса во Калифорнија, што е тешко погодено од се` поголемата рецесија. Претседателот кажа дека на фукцијата наследил хаос во финансискиот сектор, но дека ја презема одговорноста за средување на ситуацијата. Обама ја уважи огорченоста во јавноста поради контроверзната одлука на осигурителниот гигант Американ интернернешенал груп (АИГ) да додели бонуси на свои раководни лица од владината помош што компанијата ја прими за да избегне колапс, и подвлече дека сега целта мора да биде да се спречи ваков вид на злоупотреба во иднина. Граѓаните во своите прашања во најголем дел ја оставија настрана контроверзата со АИГ и се интересираа за можностите за економска обнова.

Владата ја зајакнува промоцијата на економската политика на претседателот. Во видео преку Интернет, дистрибуирано до широка мрежа на политички поддржувачи, Обама побара Американците да „чукнат на врата“ на соседите и да побараат поддршка за неговиот предлог-буџет. Тој побара и да им пишат или телефонираат на своите претставници во Конгресот и да ги повикаат да гласаат за буџетот.

Опозиционите републиканци го критикуваат предлог-буџетот во вредност од 3,6 трилиони долари, тврдејќи дека само ќе го зголеми федералниот дефицит преку поголемо трошење и зајмење.

Американската централна банка, пак, најави дека ќе откупи долгови до 750 милијарди долари поврзани со запаѓање под хипотека, како и до 300 милијарди во долгорочни владини обврзници. Владини лица велат дека тоа би требало да ги поттикне банките одново да почнат да даваат кредити на приватни лица и бизниси, што пак би требало да ја заживее економијата. Банката најави и дека ќе ја задржи клучната каматна стапка на историски ниско ниво од 0 до 0.25 проценти.

XS
SM
MD
LG