Линкови за пристапност

Профили на македонските претседателски кандидати:  Агрон Буџаку


Претседателскиот кандидат на Демократска унија за интеграција, 52-годишниот Агрон Буџаку го смета својот роден Дебар за симбол на соживотот меѓу Македонците и Албанците, но и сите останати етникуми кои живеат во Македонија.

Во периодот кога ДУИ учествуваше во власта како коалиционен партнер на сега опозициониот СДСМ, Буџаку беше потпретседател на Собранието и министер за транспорт и врски. Според официјалната биографија, дипломирал англиски јазик, а поради долгиот престој во Брисел, зборува и француски јазик. По конфликтот во 2001-та со трансформацијата на ОНА во ДУИ, влезе во македонската политика, а сега како актуелен кандидат на ДУИ за претседател на Македонија тврди дека интегрирањето на Македонија во НАТО и во ЕУ е процес без алтернатива.

Глас на Америка на македонски:Каков ќе биде ставот на ДУИ доколку хипотетички, во вториот изборен круг се пласираат кандидатите на двете најмоќни македонски партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ? Дали ДУИ би ги повикала своите гласачи да го поддржат кандидатот на коалициониот партнер?

Агрон Буџаку: Самите рековте дека тоа е хипотетичко прашање и за мене е тешко да одговорам затоа што се работи и за двојно хипотетичко прашање. Прво, не би влегувал во трка ако не се надевам на победа, а што е и реалност според поддршката која ДУИ ја има перманентно и постои реална можност и другите граѓани да гласаат за мене. Јас мислам дека ќе влезам во вториот круг. А, ако тоа не се случи, второто хипотетичко прашање е, и се` уште е рано да се предвиди кој од македонскиот блок ќе влезе во вториот круг. Засега не би можел да одговорам на тоа прашање.

Глас на Америка на македонски:Која, според Вас, ќе биде главната задача на новиот претседател на Македонија во сферата на меѓунационалните односи, пред се` во македонско-албанските релации?

Агрон Буџаку:Мислам дека што се однесува до стратешките определби, сите имаме подеднаков став за што побрз влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Ниекако партија тој став го имаме уште од 2002-та, кога се појавивме на политичката сцена и тоа ни беше главен приоритет.За тоа треба да имаме стабилна држава заснована врз принципите на охридскиот Рамковен договор што ние го имплементиравме и стоиме зад него. Значи, во поглед на зацврстување на внатрешната кохезивност на државата, како јасен сигнал и за соседите, и за меѓународната заедница, јас како претседателби го користел искуството од Дебар. Тоа е мал град во Македонија кој може да служи како пример за соживот и за соработка на сите етнички заедници, не само во Македонија туку и пошироко, а би рекол и во Европа. Таа пракса јас би ја промовирал како модел и за регионот, и за Европа.

Глас на Америка на македонски: Колку како политичар и сега како претседателски кандидат сте оптимист во поглед на иднината на мултиетничка Македонија?

Агрон Буџаку: Мислам дека нема друга алтернатива! Само со зацврстување на Македонија преку негување на добри мултиетнички односи, преку спроведување на Охридскиот договор и зачленување на Македонија во НАТО (што ќе ја гарантира стабилноста и безбедноста на државата), како и преку напредок во процесот на европската интеграција, Македонија може да просперира во секој поглед. Ако погледнеме во минатото, ќе забележиме дека Македонија по својата специфичност и по начинот на кој ние работиме за да ја зацрстиме државата по мултиетнички принцип, може да стане модел за регионот. Тоа би бил нашиот најголем адут како држава, за да напредуваме во процесите на европските и евроатлантските интеграции.

XS
SM
MD
LG