Линкови за пристапност

Првиот човек на АИГ на тежок распит во Конгресот


Извршниот директор на Американ интернешенал груп (АИГ) Едвард Лиди денес е пред тежок распит во поткомисија на Претставничкиот дом. Многумина конгресмени се огорчени поради одлуката на компанијата – осигурителен гигант да додели бонуси на своите извршни лица во вредност од 165 милиони долари, и покрај тоа што прими владина помош за да избегне колапс.

Секретарот за финансии Тимоти Гајтнер најави дека АИГ ќе биде принудена да ги врати парите доделени за бонуси до владата, за да се компензираат даночните обврзници од чии средства тие беа издвоени.

Во коментар објавен во Вашингтон Пост, Лиди вели дека е „свесен за огорченоста на американската јавност" во врска со бонусите. Тој додава дека АИГ нагло ја намалил компензацијата за извршните лица, и ветува дека ќе ги врати парите до владата преку разни методи, како префрлање на вреден имот и затворање на одделот за финансиски продукти.

АИГ доби владина помош од 170 милијарди долари откако речиси колабираше поради лоши инвестиции, токму на одделот за финансиски продукти, како рискантните кредити за домување, на пример. Конгресните пратеници се гневни на АИГ и поради веста дека компанијата ја користела владината помош да враќа пари на европски банки кои исто така инвестирале во таквото работење на АИГ.

Во вчерашно писмо до Конгресот, секретарот за финансии Тимоти Гајтнер наведува дека евентуалната дополнителна помош за компанијата зависи од компензацијата на даночните обврзници за бонусите што таа ги доделила на извршни лица. Опозиционите републиканци, пак, го критикуваа Гајтнер што не реагирал навремено и не ги блокирал бонусите. Тоа покрена шпекулации дека претседателот Барак Обама можеби ќе го замени Гајтнер. Но, портпаролот на Белата куќа Роберт Гибс синоќа изјави дека претседателот и натаму има полна доверба во Гајтнер.

XS
SM
MD
LG