Линкови за пристапност

Профили на македонските претседателски кандидати:  Љубе Бошкоски


47-годишниот Љубе Бошкоски е еден од најинтересните и најконтроверзните претседателски кандидати во претстојната изборна трка. На македонската политичка сцена се појави како успешен бизнисмен во Хрватска, а во периодот кога неговата партија ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, од 1998-ма до 2002-та година, беше заменик-директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и министер за внатрешни работи за време на судирот во 2001-вата.

По одземањето на пратеничкиот имунитет за случајот „Раштански лозја“ ја напушти Македонија и замина за Хрватска, од каде беше депортиран во Хаг, каде беше ослободен од сите обвиненија за „Случајот Љуботен“.

Иако се уште нема судска разрешница за процесот против него во Хрватска, за разлика од 2004-тата, кога беше спречен да учествува на претседателската трка, сега е убеден дека ќе стане претседател на Македонија со поддршката на членството на ВМРО-ДПМНЕ, иако раководството на неговата матична партија се реши за друг претседателски кандидат.

Глас на Америка на македонски:Зошто по тешкото искуство од Шевенигнен, се вративте на македонската политичка сцена?

Љубе Бошкоски: Да се вратам на македонската политичка сцена решив по сите превирања и по еден тежок процес во кој ја докажував вистината за Македонија и од кој се вратив како победник, докажувајќи дека сите мои потези биле вистински, во вистинско време и дека знам и во најтешките мигови за Македонија да бидам тежок преговарач (понекогаш и на своја штета, што го платив со своето физичко, политичко и биолошко отуство од Македонија). Она што ме враќа на политичката сцена е моето дружење со граѓаните на Македонија кои во овие седум месеци од мене постојано, секојдневно и масовно бараа (а тоа го потврдија и со експресно собраните потписи за мојата кандидатура) да се вратам. Тоа и го направив, исклучиво на барање на граѓаните.

Главните мотиви ми се: Македонија - бидејќи верувам во Македонија; народот - чија поддршка за моја кандидатура ми е главната поддршка, и, најважното за мене, што е вметнато и во мојата политичка платформа - обединувањето! Верувам во обединувањето на сите граѓани на Република Македонија и тоа е мојот неостварен сон. Првиот сон да ја видам Македонија суверена, слободна, независна и меѓународно призната држава и членка на ООН, тој сон од деведесеттите ми се оствари. Сонот за конечното обединување на граѓаните од Македонија, верувам дека во првите 5 години од мојот мандат ќе биде во потполност остварен.

Глас на Америка на македонски: Колку сте оптимист во поглед на иднината на Македонија?

Љубе Бошкоски: Доколку не верувам во иднината на Македонија, јас никогаш не би се вратил на политичката сцена. Јас не верувам во некои политичари кои зборуваат за иднината на Македонија, но ништо не прават за нејзината иднина. Јас форсирам нов тип на патриотизам. За мене е патриот оној кој нуди решенија сега и веднаш, кој нуди модус вивенди за просперитет. Јас верувам дека имаме капацитет како држава да опстоиме, но единствен начин во тоа да успееме, кондицио сине ква нон за нашето постоење е дефинитивниот влез во НАТО и ЕУ. За мене нема "сценарио б" или "сценарио ц", туку, само едно сценарио, брзо решавање на спорот со името, на начин да не се загрози идентитетот, јазикот и уставот на Македонија.

XS
SM
MD
LG