Голем дел од експертите
за НАТО се согласни дека Северноатлантската организација е на пат на сопствена
трансформација, од алијанса за одбрана на
западните демократии од Варшавскиот пакт за време на Студената војна во
колективна безбедносна коалиција чија мисија е проширување на стабилноста и промовирање на демократски реформи преку границите на членките.
По колапсот на Советскиот
сојуз, НАТО не губеше време во прешалтување на мисијата, од заштита против
комунизмот кон важен агенс во изградба на Европа што ќе биде „цела и слободна" во ерата по Студената
војна.
Алијансата ја прими
повторно обединетата Германија. Ги отвори своите редови за 14 нови држави кои
некогаш беа зад Железната завеса, меѓу кои и Полска, Чешката Република,
Словачка, Унгарија и Балтичките држави. НАТО и понуди воена соработка на Русија
за да покаже дека е подготвено за надминување на поделбите од Студената војна и дека проширувањето на исток не е закана.
Во 1995, НАТО за прв пат влезе во војна надвор од своите граници, да ја смири Босна, по што уследи конфликтот во врска со Косово, во 1999, вели Џејмс Таусенд, директор за Меѓународна безбедносна стратегија во американскиот Атлантски совет, во Вашингтон: "Мислам дека Балканот ја покажа потребата за воената алијанса, потребата сојузниците да работат заедно. Тоа го потврди концептот дека НАТО е потребно дури и по Студената војна и исто така како средство за интегрирање на Европа."
Роберт Хантер, експерт за
безбедност во Корпорацијата РАНД во Вашингтон, додава дека НАТО помогна да се
промовира реформа и демократија во
поранешните комунистички држави: „Државите кои се подготвени да ги прифатат
барањата за членство во НАТО, што е многу работи -- демократија, работа на
економиите, надминување на минатото, реформирање на армиите -- сето тоа со
време ќе биде дел од НАТО."
Алијансата се соочи со
најголемиот предизвик за време на руската интервенција во Грузија, во август
2008. НАТО ја замрзна работата во Комисијата Русија- НАТО, во знак на протест
заради акцијата на Москва.
Но, порано годинава,
Русија и клучната членка во Алијансата, САД, покажаа волја за помирување.
Поранешниот генерален
секретар на НАТО, Лордот Робертсон, вели дека
повторната изградба на релациите
исток-запад е битно, особено за Русија: „Мислам дека Русија се менува. Виде
дека е акутно ранлива како дел од светската економија и како резултат на тоа ја
преиспитува својата позиција. Мислам дека тоа треба да го стори во
асоцијација со НАТО државите."
Атлантската алијанса се
соочува со голем предизвик во Авганистан. Многумина аналитичари се загрижени
дека НАТО изгубил кохезија по крајот на Студената војна. Тие посочуваат на
тензии меѓу сојузниците за тоа што треба да биде мисијата на НАТО во Авганистан
– борба против бунтовништвото или повторна изградба на државата.
Но, Чарлс Капчан,
стручњак за меѓународни односи од Советот за надворешни односи, тврди дека НАТО
сега е далеку поразлично од времето на
Студената војна: „Би рекол дека ова е НАТО на 21 век, поголем со покомплицирани
мисии. Подобро е да научиме да живееме со алијанса која нема да ужива во
солидарноста од минатото."