Обама интензивно работеше за добивање на поддршка од Републиканците во Конгресот за неговиот стимулативен пакет помош. Меѓутоа, ниту еден Републиканец во Претставничкиот дом не гласаше за планот, а само тројца го дадоа својот глас во негова полза во Сенатот.
Овојпат, со буџетот напаѓан од политичката опозиција, претседателот го враќа ударот.
Тој кажа дека не е доволно Републиканците само да се спротиставуваат на неговите идеи, туку треба да истапат со свои предлози да се реши прашањето и да покажат волја за преговарање.
Да кажете само „не“ е добро кога се работи за тинејџер и дрога, но не е прифатлив одговор за која било економска политика предложена од другата страна, рече Обама по средбата со демократскиот преседавач со Комисиите за буџет во Конгресот.
Претседателот им објави предизвик на критичарите:
„Заради големината на предизвикот со кој се соочуваме, она што ни е потребно во Вашингтон не се повеќе политички тактики. Потребни ни се повеќе добри идеи. Не ни треба само добивање на поени, туку решавање на проблемите“, истакна претседателот.
Обама го повтори ставот за предлог-буџетот за 2010 година во висина од 3,5 трилиони долари, како клуч за иднината. Таму има зголемени трошоци за здравствено осигурување, образование и развој на алтернативните избори на енергија.
„Цената на нашето здравствено осигурување е превисока за да се игнорира. Зависноста од странска нафта е преопасно да се игнорира. Нашиот дефициот во образованието е преширок да се игнорира“, вели Обама.
И покрај тоа, Републиканците веднаш ставија јасно на знаење дека кога се работи за буџетот, не се расположени за компромис.
Ден Лангрин, Републиканец од Калифорнија, рече дека Обама не ги исполнува своите ветувања дадени за време на претседателската кампања за даночни скратувања и намалување на федералните трошоци.
„Овој буџет содржи превисоки даноци, преголеми трошоци и заеми. Предлогот е всушност, отфрлање на целите што тој ги постави“, изјави Лангрин.
На ова се надоврза и републиканецот од Индијана, Мајк Пенс.
„Колку повеќе Американците го анализираат буџетот на оваа администрација, толку повеќе наоѓаат дека може да се состави подобро. Мора да можеме подобро“, рече Пенс.
Во меѓувреме, Републиканците поднесоа листа на принципи според кои сметаат дека треба да се прави буџетот за 2010. Партиските лидери најавија дека наскоро ќе ги објават деталите.