Преку 140 американски и странски научни соработници го повикуваат претседателот Обама да усвои постојана и кредибилна политика која би ја поддржувала демократијата во арапскиот и муслиманскиот свет. Групата испрати отворено писмо до претседателот со препораки за начините за промовирање на демократијата во регионот.
Во писмото стои дека Групата научни соработници вели дека Блискиот Исток се залага за поголема слобода и има докажано дека ќе се бори за неа.
Воедно го повикува претседателот Обама да ја напушти праксата на смена на режимот, актуелна за администрацијата на Буш во Ирак, како и да го прифати демократскиот процес, дури и доколку тоа би значело победа за исламистите, како Хамас во Појасот Газа.
Радван Масмуди е претседател на Центарот за исламски студии и демократија. Неговата група е иницијатор на идејата за испраќање на писмо до претседателот Обама. Тој вели дека првата грешка на САД е инвазијата на Ирак: „Другата грешка е повлекување од демократијата или прекинувањето да се зборува за неа кога исламските партии минаа добро на изборите во Египет, во Палестина, Либан и Мароко. Се исплашија и сметам дека тоа беше грешка. Демократијата е процес, потребно е да имаме трпение и секако да оставиме тој процес да се одвива“.
Професорот Саад Един Ибрахим е египетски реформист кои минал неколку години во египетски затвор заради критикување на претседателот Хосни Мубарак.
„Сметаме дека легитимните американски интереси можат да се реализираат преку сојузништво со народот од муслиманскиот свет, народот од арапскиот свет наспроти диктаторите, бидејќи поврзувањето со нив е неодржлив аргумент што само води кон негативни резултати како на среден, така на долгорочен план“, вели Ибрахим.
Египетската влада ја гони групата „Муслиманско братство“, апсејќи стотици нејзини членови, иако групата се откажа од насилството пред неколку години и во моментов е најголема опозициона партија во парламентот. Вашингтон молчи во критикувањето спрема Каиро, инаку голем американски сојузник.
Ибрахим додава дека во многу земји вклучувајќи ги и Турција, Индонезија и Мароко, правото да се гласа на избори, направи исламските партии да станат умерени, а воедно ја зајакна и нивната определба за демократски норми.
Групата пофално се изрази за претседателот Обама за неговото инаугуративно обраќање во кое вети дека ќе се заложи за обострана почит со исламскиот свет.
Мишел Дан од институцијата Карнеги за меѓународен мир, тврди дека САД имаат средства за да промовираат демократија: „САД можат да го сторат тоа преку приватна дипломатија, програми за помош, јавни изјави итн., се` со цел да овозможат подобар живот за народот на овие земји“.
Стејт департментот ја преиспитува целокупната политика спрема Блискиот Исток, но портпаролот Роберт Вуд неодамна изјави дека Вашингтон и натаму е заинтересиран за промоција на демократијата во регионот.
Групата американски и странски научни соработници додава дека преку поддршката на човековите, граѓанските и политичките права на народот од Блискиот Исток, САД ќе бидат на вистинската страна на историјата.