Линкови за пристапност

Ретки добри вести од американската економија:  пораст на бројот на новоизградени домови


По подолго време, американската јавност доби барем еден добар показател за економската ситуација – бројот на новоизградени домови во земјата е во пораст. Веста доаѓа во време кога американската Централна банка расправа за начините како да ја поттикне економијата, а претседателот Барак Обама на иста тема има средби со клучни конгресни претставници.

Во февруари изграбата на домови нараснала за 22 проценти. Доколку стапката остане иста до крајот на годината, тоа би значело дека ќе бидат изградени вкупно 583.000 домови. Економската криза – најлоша што земјата ја искусила од 1930-те – всушност и започна поради проблемите во индустријата на домување. Сега постои надеж дека најновиот, поволен извештај би можел да ги охрабри инвеститорите кои очекуваа ситуацијата и натаму да стагнира.

Американската централна банка, попозната како Федерални резерви, веќе ги скрати каматните стапки на историски ниско ниво, но се очекува да продолжи со други методи да им олеснува на бизнисите и приватните лица да добиваат кредити и на тој начин да ја поттикнува економијата. Претставници на банката денес се среќаваат во Вашингтон, по што се очекува да ги објават своите планови.

Претседателот Барак Обама, денес се консултира со претседавачите на Комисиите за буџет на Сенатот и Претставничкиот дом, по што ќе се обрати до нацијата. Тој вчера изрази огорченост поради најавата на осигурителниот гигант Американ Интернешенал Груп - кој инаку прими владина помош од 170 милијарди долари за да избегне колапс - да подели бонуси на раководните лица во компанијата во вкупна вредност од 165 милиони долари. Во АИГ велат дека на тоа се обврзани со работните договори, но Обама подвлече дека компанија која трпи загуби и покрај владината помош не може да оправда наградување со пари од даночните обврзници во време кога тие на свој грб ги чувствуват последиците од економската криза. Обама истовремено му наложи на секретарот за финансии Тимоти Гајтнер да провери како може на правен начин да се спречи намерата на АИГ.

XS
SM
MD
LG