Линкови за пристапност

ЕУ дискутира за преземање на затвореници од Гвантанамо


Високи претставници на ЕУ престојуваат на дводневна посета на Вашингтон со цел да добијат дополнителни информации за затворениците од Гвантанамо кои може да бидат под нивна надлежност, откако САД ќе го затворат притворниот центар во Куба.

Европската делегација сака дополнителни информации за преку 20 затвореници од Гвантанамо кои би биле екстрадирани во Европа, како дел од планот на претседателот Обама за затворање на притворниот центар во рок од една година.

Меѓу другото, ЕУ сака да дознае повеќе за безбедносниот ризик поврзан со овие лица, причините зошто биле држени во притвор и зошто не можат да бидат испорачани во нивните родни земји. Доколку се потврди дека овие затвореници не се виновни, Европа сака да знае зошто САД не можат да ги држат во нивна надлежност.

Европа активно лобираше Вашингтон да го затвори притворниот центар Гвантанамо. Сега, кога претседателот Барак Обама најави дека ќе го стори тоа, неколку европски земји, вклучувајќи ги Португалија, Франција и Шпанија соопштија дека има можност да ги преземат во надлежност поранешните притвореници. Минатиот месец, Европскиот парламент со огромно мнозинство гласови гласаше во полза за прифаќање на затворениците.

Во февруари, Бинјам Мухамед со потекло од Етиопија, се врати во Британија откако беше ослободен од Гвантанамо. Британија сега бара Вашингтон да ослободи уште еден притвореник поврзан со оваа земја.

Но, други европски држави изразија воздржаност за прифаќање на затвореници од Гвантанамо, дури некои политичари тврдат и дека Гвантанамо е проблем на Америка и таа треба да го реши. Минатата недела, американската државна секретарка Хилари Клинтон назначи специјален претставник кој ќе работи со земјите од светот за прифаќање на затвореници од Гвантанамо, за да се овозможи негово затворање.

XS
SM
MD
LG