Линкови за пристапност

Македонската заедница во Детроит:  црквата „Раѓање на Пресвета Богородица“


Црквата „Раѓање на Пресвета Богородица" во Детроит, американската сојузна држава Мичиген, важи за еден од најубавите верски објекти на македонските иселеници во Северна Америка.

Зачетоците на организираниот црковен живот во Детроит меѓу македонските иселеници се во 70-тите години од минатиот век. Иконостасот во црквата е дело на најдобриот европски фрескосликар Кристијан Самоил, раскажува прота Драги Трпевски, кој веќе 26 години живее и работи во Детроит.

-На иконата на Исус Христос, жолтата боја е од 23-каратно злато. Под златните фолии се забележува македонска орнаментика, грозје и класје. И на иконостасот, што е изграден од мермер, забележуваме грозје и други македонски симболи.

Изградбата на црквата започнала во 1998-ма, а завршила за четири години. Централната купола е насликана за три месеци. Црквата има 12 прозорци. Ноќе се особено впечатливи затоа што од нив извира светлина во три бои – бела, жолта и црвена. Црвената сјае посебно, за Велигден. Прота Трпевски вели дека во црквата – исто како и во родниот крај – се одржуваат крштевки, венчавки, и погребни церемонии. Ова е место каде може да се премости носталгијата по татковината. Во неделите, кога има богослужба, црквата е многу посетена, раскажува прота Трпевски.

Отец Синиша Ристовски е нов парохиски свештеник во мултиконфесионалниот Детроит – тука живее нешто повеќе од една година. Вели, во црквата постојано нешто се случува:

-Народот многу ги почитува традициите и обичаите. Имаме доста крштевки, венчавки. Дај боже и наредните години да се множиме во Детриот, да бидеме едно македонско тело, кое ќе претставува една нација и држава.

Во храмот секој петок има часови по веронаука, со литература издадена од Македонската православна црква, а одобрена од македонското Министерство за образование.

XS
SM
MD
LG