Според извештај на весникот Њујорк Тајмс, американски воени планери ја разгледуваат идејата за креирање на рути за снабдување за потребите на НАТО во Авганистан, што би минувале низ Иран.
Весникот наведува дека можните трансфер зони нема да се користат за пренесување на американски материјал, туку на материјал на сојузниците на НАТО кои имаат блиски односи со Техеран.
Њујорк Тајмс го цитира портпаролот на Пентагон, Џеф Морел, кој вели дека одговорните за проектот ја разгледуваат „буквално секоја постоечка авенија“, но додава дека ја земаат предвид „логистичката изводливост, наспроти политичката реалност.“
Во извештајот на Њујорк Тајмс базиран на изјави на неколку лица инволвирани во овој проект, се додава дека САД не сакаат да се ограничат на само една опција како поддршка на планираното зголемување на странското воено присуство во Авганистан. Некои официјални лица стравуваат дека рутата од Пакистан до преминот Кубер, може да се реализира преку компромис со милитантите или дека Русија може да го искористи своето влијание и да блокира создавање на дополнителни рути преку Централна Азија.