Линкови за пристапност

Медоф се изјасни виновен за измама со инвестиции од 65 милијарди долари


Финансиерот од Њујорк Бернард Медоф е пренесен во затвор откако се изјасни за виновен за „олеснување“ на инвеститорите за 64,8 милијарди долари – најголема финансиска измама во американската историја.

Седумдесетгодишниот Бернард Медоф кажа дека е виновен по 11 основи на проневера, перење пари и лажно сведочење во њујоршкиот федерален суд. Медоф призна дека мамел илјадници клиенти од раните 1990ти - оперирајќи со класична пирамидална шема позната под името Понзи-со користење на пари од нови клиенти за исплата на оние кои сакаат да повлечат средства. На некои тој им понудил профит висок до 46 проценти.

Медоф пред судот кажа дека „многу жали“ и дека бил „засрамен“ од неговиот криминал. Судијата нареди Медоф веднаш да биде затворен додека чека на изрекување на казната на 16 јуни. Таа одлука предизвика аплауз во судницата.

Широката измама на Медоф зафатила банки, добротворни организации, луѓе од средната класа кои инвестирале за пензионирање во Северна и Јужна Америка и во Европа, па дури и славни личности, меѓу кои и преживеаниот од Холокаустот, Ели Визел.

Сега кога Медоф го призна делото, се поставуваат прашања кој друг можел да му помага на овој финансиер во оперирањето на масивната Понзи шема.

Поранешниот претседател на Комисијата за хартии од вредност Харви Пит кажа дека допрва треба да се види дали Медоф ќе соработува со истрагата: „Кој му помагал? Верувам дека тој сака да ги заштити тие луѓе кои му помагале и мора да биде разголен во тој процес.“

Медоф, поранешен претседател на NASDAQ, беше уапсен пред три месеци. До четвртокот тој живееше во куќен притвор во неговиот луксузен апартман на Менхетн.

Оние кои беа зафатени со проневерата беа лути што му било дозволено да остане опкружен со луксуз. На околу 20 лица им беше дозволено да сведочат во четвртокот.

Пред судот, жртвата Ричард Фридман, кој изгубил милиони долари од неговата пензиска заштеда, кажа дека признанието на Медоф дека е виновен не е доволно: "Што е следното? Ќе продолжи ли владата да бара нешто повеќе, или тука ќе запре? Важно е да се продолжи и сите поврзани со случајот Медоф да се изведат пред правдата. Ако работел сам, тука треба да заврши. Но не може да биде толкава операција да е водена само од еден човек!."

Жртвата Синтија Фридман кажа дека таа и нејзиниот сопруг треба одново да размислуваат за иднината заради губитокот. Таа рече дека владата треба да бара финансиска реституција за сите жртви на Медоф.

"Тој е зол, зол! Тој е на врвот на листата на зли луѓе во светот. Тој крадел од добротворни организации, од пензионери. Ужасен човек! Од пријатели, од вдовици...“, вели Синтија Фридман.

До денес, никој не е обвинет во врска со измамата.

XS
SM
MD
LG