Последиците од кризата во американската автомобилска индустрија можеби најдобро се видливи во Детроит, кој се смета за главен на град на овој сектор и каде се наоѓаат седиштата на Големата Тројка – компаниите „Форд“, „Џенерал Моторс“ и „Крајслер“.
Улиците се празни, неизвесноста голема, а невработеноста е речиси највисока на федерално ниво.
Градот на моторните клипови, гордоста на американските автомобили,носи лузни што ја покажуваат сериозноста на економската криза. Според локалните медиуми, можеби најдобар показател што ја илустрира ситуацијата е дека некои затвореници не сакаат да излезат на слобода, за да не станат гладни бездомници.
Според наши соговорници - жители на Детроит, подобрите времиња за градот и за Големата тројка денеска се навидум далечни. Така тврдат и медиумите:Детроит го замени Њу Орлеанс како град со најмногу проблеми во САД. Дефицитот на градот денес изнесува 300 милиони долари, стапката на невработеност 21 процент, напуштени се десетици илјади работилници и домови, а поранешниот градоначалник е во затвор поради секс-скандал.
На тоа, медиумите наведуваат и други загрижувачки податоци:популацијата на градот од 1,8 милион жители во 1950-та година, денес е намалена на половина. Стапките на криминал, сиромаштија, невработеност и прекинато школување кај младите се меѓу најлошите споредено со другите големи градови во САД.Само во последните три години во Детроит се затворени десетици училишта.
Меѓутоа, градските власти не креваат раце.Неделава се одржува саем на труд и образование, насловен „Професии на иднината“, за оние кои загубиле работно место во автоиндустријата да можат егзистенцијата и среќата да ја побараат во други сектори.Градоначалникот Кенет Кокрел Џуниор, пак, бара од жителите на Детроит да останат ангажирани и се обидува да привлече бизниси однадвор кои кои би сакале Детроит да стане нивен град.
Градот побара од државата 47 милиони долари за стабилизација на инфраструктурата. Половина од сумата ќе биде потрошена за уривање на повеќе од 2.300 напуштени домови, а нивната бројка постојано се зголемува.
Ситуацијата на пазарот за недвижнини е катастрофална бидејќи просечната цена на куќа, според медиумите, изнесува 18.000 долари, што е далеку под просечна цена на дом во САД, а некои сопственици воопшто не можатда најдат купувач, па се принудени да го изгаснат светлото и да си заминат.
До седумдесеттите години на минатиот век можевте да дојдете во Детроит без образование и да не зборувате англиски, а ќе добиевте работа во автомобилската индустрија, со што автоматски ќе преминевте во средна класа - се присеќаваат членови од македонската заедница во Детрoит за убавите денови во овој град.
Иако претседателот Обама најави помош од државата, многумина во Детроит се согласни дека се потребни итни мерки со кои погоните за автомобили ќе продолжат да работат под полна пареа, бидејќи во спротивно, Детроит може да стане - град на духови.