Членови на македонската заедница од Детриот, сојузната држава Мичиген, кои работат или работеле за автоиндустријата, велат дека ова се тешки времиња за секторот.Сметаат дека владата треба да помогне, затоа што многу судбини и егзистенции зависат од тоа.
Од македонските иселеници со кои разговаравме, само еден работи,а другите се на принуден одмор.Стравуваат за иднината затоа што автоиндустријата во градот е пред колапс.
Ден Јовановски веќе 28 години живее во Детроит.Работи во осигурителната компанија Стејт фарм.Проценува дека 50% од македонските иселеници во автоиндустријата во детроит се на принуден одмор.Смета дека државата треба да помогне затоа што во залог во сојузната држава Мичиген се вкупно 3,5 милиони работни места.Каква иднина има Детроит без силна автоиндустрија?
-Тешко би било. Во Детроит, автоиндустријата е главен сектор, иако, на пример, градот има едни од најдобрите болници со најдобри лекари во САД. Сите добро живеат од автоиндустријата и тешко е да се промени начинот на живот.
По 15 години минати во Детроит, Борче Костовски во моментов е на принуден одмор од гигантот Форд.Со носталгија се присеќава на првите години во САД кога можел веднаш да најде работа и добро да биде платен.Тоа повеќе во Детроит - го нема, вели Костовски.
-Мора да гледаш оптимистички. Ова се тешки денови за Детроит и во градот владее голема криза. Се надевам дека владата и првите луѓе од автоиндустријата ќе најдат начин да ја надминат кризата. Се надевам дека ќе дојдат подобри времиња.
Менде Бежановски на своја кожа ги почувствува последиците од домино-ефектот во неа.Приватната компанија во Детроит во која работи како геодетски инженер е зависна од автоиндустријата. По12 години работа, Бежановски веќе неколку месеци е на принуден одмор.Дали има излез од кризата?
-Мислам дека владата ги бара или ги одбра вистинските луѓе за излез од кризата во која се наоѓа земјата. Претседателот Обама се стреми кон нов начин на однесување – преземање одговорност за преземените потези.
И Сузана Огнен, со22 годишно работно искуство како инженер во компанијата Џи –Ес Мекнама инженеринг, последниве 11 месеци се води како невработена.Аплицира за работа преку Интернет, но ретко добива понуди.Не се откажува:
-Секој сам треба да бара работа, а не да чека помош од државата. Не можеме да чекаме на претседателот Обама. Средувањето на работите во автоиндустријата ќе одземе подолго време. Лично, нема да можам да чекам на подобри времиња, затоа што со оглед на возраста – кој ќе ме вработи? Моментално, на пазарот на труд нема работа за мојата професија – инженер за процесирање.
Тежината на финансиските проблеми со кои се соочуваат Џи-Ем, Форд и Крајслер ја прават нивната иднина и опстојување неизвесно, без оглед на финансиската помош што ќе ја добијат од Вашингтон.