Американскиот потпретседател Џо Бајден вели дека се` полошата ситуација во Авганистан претставува безбедносна закана за САД и сите земји-членки на НАТО и порача дека Вашингтон е за поблиска соработка со европските сојузници во изработка на нова стратегија за стабилизација на регионот.
Бајден говореше на состанокот на Северноатлантскиот совет во Брисел.
САД планираат да испратат дополнителни 17.000 војници во Авганистан и бараат НАТО-сојузниците исто така да го зголемат својот придонес. Голем дел европски земји се колебаат дали да испратат дополнителни сили во земјата, но велат дека би можеле да помогнат на други начини, како во обука на полициските сили и помош во подготовката за претседателските избори закажани за подоцна годинава.
Американскиот претседател Барак Обама има кажано дека е отворен во однос на идејата за разговори со исламските милитанти и членови на Талебан кои изразиле волја за такво нешто.