Линкови за пристапност

Барби наполни 50 години


Со беспрекорна става, со гардероба креирана од врвни дизајнери, Барби има 50 различни националности и преку 100 професии. Сето ова на денот, 9 март, кога наполни 50 години од постоењето. Денес куклата се продава во 150 земји во светот, но во 1959 идејата и појавата на Барби се сметаше за нешто револуционерно.

Барби за прв пат се појави на саем за играчки во Њујорк. На овој саем купувачите ставаа нарачки за одредени производи, а не купуваа.

„Се работеше за купувачи - мажи, кои ја гледаа куклата и коментираа дека мајките никогаш не би им купиле кукла како оваа, со вакви гради. И навистина, беа примени малку нарачки за овој производ“, вели Робин Гербер, автор на „Барби и Рут – Приказната за најпознатата кукла во светот и жената која ја создаде.“

Гербер вели дека работите се промениле на подобро за компанијата Мател, кога девојчињата во САД, гледајќи цртана серија со Мики Маус, можеле да видат и реклама за Барби.

„Рекламите помогнаа многу за продажбата на куклата. Неколку месеци по споменатиот саем за играчки, девојчињата почнаа од родителите да бараат да им ја купат Барби. На компанијата Мател и` беа потребни три години да фати чекор со нарачките“, вели Гербер.

Маркетиншкиот план целел на девојчињата, а самата Барби била инспирирана од германска кукла наменета за возрасни мажи. Сето тоа било сметано за сосема нов концепт. Жената која стоеше зад нив беше Рут Хендлер.

„Ја набљудував ќерка ми Барбара како си игра со другарчињата. Тие си играа со кукли за возрасни направени од хартија. Се обидував да го убедам мојот сопруг Елиот дека може да направиме тридимензионална кукла и да креираме таков начин на игра“, има кажано Хендлер.

Хендлер, која почина од рак на дојка во 2002 година, ја основаше компанијата Мател со нејзиниот сопруг во 1945 година. Робин Гербер додава дека Елиот обично бил одговорен за дизајнот за играчките, а Рут се грижела за останатото, вклучувајќи ги маркетингот и продажбата. „Таа брилијантно го водеше бизнисот“, вели Гербер.

Иронично е што оваа влијателна бизнисменка, која била пред своето време, креирала играчка за која некои сметаат дека создава несоодветен имиџ за младите девојчиња. Токму месецов, законодавец од сојузната држава Западна Вирџинија, претстави легислатива со која се налага забрана на продажбата на Барби во државата, поради, како што ја нарекува „непотребната важност на физичката убавина која неповолно влијае на интелектуалниот и емотивниот развој“. Гербер на ова вели:

„Она што можам да го кажам е – купете ја куклата и на вашите деца раскажете им ја приказната за нејзината креаторка, за силната и влијателна жена, која го постигнала она што сакала да го постигне“.

Иако Барби на Мател донесе огромен успех, Рут Хендлер морала да ја напушти компанијата во 1975 откако била обвинета за фалсификување на книговодствени материјали и проневера. Истовремено била дијагностицирана со рак на дојка и имала операција. Сепак, овие лоши времиња за Хендлер не траеле долго.

„По оваа ужасна епизода во која западна, таа исплива на површината и формираше нова компанија која се занимава со производство на протетика за градник за жени кои имале мастектомија. Ова се случувало во време кога жените со вакви операции се криеле и се срамеле од она што им се случило. Хендлер беше решена да им помогне да го надминат тоа“, вели Гербер.

Компанијата се` уште постои, исто како и Барби, се разбира. Иако продажбата на куклата бележи пад заради актуелната рецесија, Робин Гербер додава дека Барби ќе биде присутна на пазарот уште наредни 50 години.

XS
SM
MD
LG