Линкови за пристапност

Дали ќе опстанат истополовите бракови во Калифорнија?


Гласањето на референдум беше уште пред неколку месеци, но правната борба околу таканаречената Одредба осум - мерката со која во Калифорнија се забранија истополовите бракови, повторно се заострува. Неделава за тоа се расправа и пред Врховниот суд на сојзуната држава.

Џени Олсен и Џули Дорф се типичен пример -лезбејки со две ќерки. Тие се соочени со борба во кампањата, и со тешко прашање од ќерка им, 5-годишната Силви. Таа прашала - доколку мерката победи, со кого ќе живее, со мама Џули или со мама Џени.

„Зборовите се важни, но важни се и правните разлики. Доколку некој од нас почине, другиот парнер нема да може да ги наследи бенефициите од социјално осигурување. И, кој страда најмногу во сето ова? Нашите деца", вели Олсен.

Затоа оние кои ја загубија битката со усвоената мерка, не се откажуваат. Активистите за истополови бракови ја интензивираа кампањата за поништување на резултатите од гласањето во ноември минатата година, во кое жителите на Калифорнија со 52 процента „за" и 48 „против", гласаа против промена на Уставот со кој бракот се признава само доколку е склучен меѓу маж и жена. Активистите за истополови бракови тврдат дека постапката не била исправна и дека треба да се ревидира, а не за предлогот да се поднесува амандман.

Во Калифорнија по прашењето се гласаше и во 2000 година. Со мнозинство гласови се усвои Одредбата 22 – закон со кој бракот се дефинира како заедница меѓу маж и жена.

Но во 2004-та, градоначалникот на Сан Франциско, Гавин Њусом унилатерално со декрет истополовите бракови ги прогласи за легални. Тој тврдеше дека законот го прекршува Уставот на сојузната држава. Судот го отфрли декретот на Њусом и забрани склучување на овие бракови.

Во мај 2008-ма, Врховниот суд на Калифорнија се согласи со предлогот на градоначалникот, велејќи дека забраната е неуставна бидејќи оневозможува заштита на двојки од ист пол. По оваа одлука 18.000 хомосексуалци и лезбејки застанаа пред олтарот.

Но, расположението опадна кога на гласање беше ставена Одредбата осум, поддржана од различни верски групи во земјата.

Сепак, јавното мислење во САД по анкетата спороведена по усвојување на Одредбата осум, покажува дека на национално ниво постои поддршка за истополовите бракови.

Ваквите резултати можно е да влијаат на одлуката на калифорнискиот суд. Неделава се сослушуваат аргументите за правата за склучување на бракови меѓу лица од ист пол, а одлуката се очекува за 90 дена.

XS
SM
MD
LG