Линкови за пристапност

Русија и Авганистан – главни теми на средбата на  министрите на НАТО


Министрите за надворешни работи на земјите- членки на НАТО денеска се среќаваат во Брисел, а фокусот на разговорите се односите со Русија и стратегијата во Авганистан.

Средбите се од неформален карактер, но темите се клучни за идната соработка меѓу земјите членки на Алијансата.

Според висок американски претставник, министрите на НАТО се очекува да одобрат обнова на контактите со Русија на високо ниво во рамки на Советот НАТО-Русија.

Портпаролот на Алијансата, Џејмс Апатураи изјави дека постојат повеќе области во кои НАТО и Русија можат да соработуваат, вклучувајќи го Авганистан и борбата против тероризмот.

„Сметам дека НАТО истовремено може да има вредна политичка и важна практична соработка со Руската федерација во областите од заеднички интерес, без притоа да се жртвува можноста за посочување во кои области НАТО и сојузниците на НАТО не се согласуваат со Русија", изјави Апатураи.

Алијансата ги прекина контактите со Русија на високо ниво во знак на протест поради руската воена интервенција во Грузија минатиот август.

Министрите на НАТО разговараат и за стратегиите за справување со ситуацијата во Авганистан. Ова се случува во време кога САД се подготвуваат да испратат дополнителни 17.000 трупи во оваа земја, како засилување во напорите за сузбивање на Талебан, а и додека администрацијата на претседателот Обама ја преиспитува американската политика спрема Авганистан.

Продолжение на дискусиите за Авганистан ќе има со посетата на американскиот потпретседател Џо Бајден на Брисел наредната недела, при што ќе се сретне со претставници на НАТО.

Американските и претставници на НАТО подвлекуваат дека настрана од специфичните прашања во фокусот на оваа средба, потребно е Алијансата да се сврти кон иднината и да се најде себе си во светлина на новите предизвици.

Наредниот месец лидерите на НАТО ќе се сретнат во Франција и Германија на самит на кој ќе биде одбележана и 60-та годишнина на Алијансата.

XS
SM
MD
LG