Линкови за пристапност

НАСА лансира нов телескоп во вселената 


На 6 март, Американската вселенска агенција НАСА ќе го лансира најновиот вселенски телескоп, познат како Кеплеров телескоп. Мисијата на Кеплер има една цел – да пронајде планети како Земјата насекаде во нашата галаксија.

Телескопот Кеплер ќе биде насочен кон небото со концентрираност на околу 100.000 ѕвезди кои се сметаат за најверојатни кандидати да имаат планети како Земјата.

Во срцето на Кеплер се 42 сензори од типот ЦЦД, какви што може да имате во вашиот дигитален фотоапарат, но поголеми и подобри. Вашиот фотоапарат може да има 10 мегапиксели, а Кеплер има 95 во еден сензор кој покрива околу 700 квадратни сантиметри.

Научниците нема да можат директно да видат планети. Наместо тоа, менаџерот на проектот, Џим Фансон, вели дека тие ќе бараат некакво затемнување на ѕвездите кога планета минува пред нив: „Треба да бидеме во можност да ја измериме светлината на ѕвездите на 20-милионско ниво. Тоа е како да забележите како се движи болва пред светла од автомобил. Тоа е јасноста што ќе ја постигнеме.“

Ако ѕвездата затемни еднаш, а потоа повторно за десет месеци, тоа може да значи дека планета ротира околу неа но може да е и нешто друго. Затоа научниот тим на Кеплер вели дека ќе почека дополнителни 10 месеци да види дали ќе има затемнување на ѕвездата која е во фокусот на набљудувањето. Тие исто така ќе чекаат на потврда на телескопите кои се наоѓаат на Земјата.

Астрономите пронашле повеќе од 300 планети надвор од нашиот соларен систем – ексопланети, како што ги нарекуваат. Повеќето се џиновски, како Јупитер или Земјата. Главниот научник, Вилијам Боруки, вели дека е невозможно да се знае што ќе пронајде Кеплер: „Кеплер е дизајниран да пронајде стотици планети големи како Земјата, ако тие се околу ѕвездите. И ако пронајдеме повеќе, тоа значи дека живот може да е присутен и на други места во галаксијата. Од друга страна, ако не пронајдеме други, тоа значи дека планети како нашата се ретки и дека тоа е показател оти можеби ова е единственото место каде има живот во нашиот универзум.“

Астрономите треба да бидат во можност да користат податоци од Кеплер за да ја определат големината, тежината и другите карактеристики на ново-откриените ексопланети. Но, иако телескопот е дизајниран да пронајде планети од типот на Земјата, тој не може да утврди дали има живот на тие места.

Кеплер треба да биде лансиран од Кејп Канаверал, Флорида, на 6-ти март.

XS
SM
MD
LG