Линкови за пристапност

ХИВ и СИДА-та се шират меѓу постарата популација


Светската здравствена организација вели дека вообичаено постарите луѓе не се ставаат во групата подложна на голем ризик за добивање на оваа болест бидејќи се верува оти се помалку сексуално активни споредено со младата популација.

Вирусот ХИВ, кој предизвикува СИДА, главно се пренесува преку сексуален однос и затоа младите се изложени на поголем ризик да ја добијат. Болеста нема старосни граници, но Светската здравствена организација вели дека постарите луѓе ретко се вклучуваат во демографските истражувања за здравствената состојба.

Џорџ Шмит од Одделот за ХИВ и СИДА при организацијата, изјави дека податоците главно се собираат од анкета спроведена на лица меѓу 15 и 49-годишна возраст и дека многу малку испитувања се прават врз луѓе на 50 и повеќе години.

Но токму овие малку анкети дале изненадувачки резултати.

„Невообичаено е што соодносот на поединци на 50 и над 50 години кои се инфицирани со ХИВ, е една четвртина наспрема една третина, споредено со групата помлади. Ова за нас е изненадувачки висока пропорција“, вели Шмит.

Многу студии воедно покажале и дека е мала веројатноста постарите луѓе да имаат безбедни сексуални односи, а тоа според д-р Шмит, само го зголемува ризикот за ширење на СИДА-та. Исто така, иако е важно инфекцијата да се открие во рана фаза, постарите лица ретко се подложуваат на тестови за СИДА.

Д-р Шмит додава дека зголемената застапеност на ХИВ вирусот кај постарите луѓе кои се` уште се сексуално активни, во голем дел е непозната област и повикува на поинтензивни истражувања и поголемо внимание на овој проблем.

Тој вели дека е важно да се дознае зошто и кога оваа група на луѓе се заразува, за да може да се подобри начинот на кои се водат јавните кампањи за борба против СИДА-та.

XS
SM
MD
LG