Унијата не го усвои планот за помош на Источна Европа и покрај предупредувањата на Унгарија дека овој чекор можно е да води кон економска „железна завеса" ширум континентот. Одлуката беше донесена за време на вчерашниот вонреден самит на ЕУ, на кој се расправаше за најголемата финансиска криза во Европа со генерации.
Унгарскиот премиер Ференц Гурсану ги повика земјите членки да покажат солидарност преку креирање на фонд за поддршка во висина од околу 240 милијарди долари за да им се помогне на економиите во Источна Европа. Оваа сума е значително повисока од околу 30-те милијарди долари на кои меѓународните институции во петокот се обрзаа дека ќе ги достават до источниот дел на Европа.
Премиерот Гурсану, чија земја е меѓу најпогодените од глобалната економска криза, истакна дека неговиот план може да спречи формирање на нова таканаречена „железна завеса", која, предупреди тој, би ја поделила Европа на богати и сиромашни земји.
Сепак, германската канцеларка Ангела Меркел, чија земја важи за најголема економска сила во Европа, стави јасно на знаење дека остро се спротиставува на планот на унгарскиот премиер:
„Ситуацијата е различна во секоја од земјите членки на Унијата и помошта би требало да се доставува во зависност од итноста на случаите. Не можете да ги споредувате Словенија и Словачка, со Унгарија. Им помагаме на земјите кои имаат потреба од помош. Сметам дека планот за таканаречен откуп е неразумен", вели Меркел.
И покрај тензиите, европските лидери ги повикаа своите колеги од источноевропските земји да не се свртуваат кон протекционизам за да му помогнат на деловниот сектор кој е во криза.
Францускиот претседател Николас Саркози неодамна предизвика загриженост во Источна Европа со изјавата дека планира на француските автомобилски производители да им позајми милијарди долари под услов тие да не ги затворат погоните во Франција или да го производството во Чешка или на други места во Источна Европа каде трошоците би биле помали.
Сепак, претседателот на Европската комисија Хозе Мануел Баросо се обиде да ги ублажи стравувањата од протекционизам.
„Всушност разговаравме за специфични прашања, како автомобилскиот сектор и за можноста да му се помогне на овој сектор, а да не се пречекорат правилата на внатрешниот пазар и да не се преземат мерки со кои би им се наштетило на другите земји", рече Баросо.
На самиот стана збор и за олеснување на постапката источноевропските земји да ја воведат европската единствена валута, еврото.
Но, чешкиот премиер Мирек Тополанек, чија земја е на чело на ротирачкото претседателство на ЕУ, не се согласува со идејата. Тој рече дека мнозинството од земјите се согласни оти ќе се направи грешка доколку во овој момент се променат правилата на игра.
Вчерашниот самит беше најнова од серијата средби на европските лидери пред формалниот самит на Унијата закажан за наредниот месец во Лондон.