Линкови за пристапност

Обама ја номинира гувернерката на Канзас да го води американското здравство


Ова е втор пат како претседателот Барак Обама номинира личност на оваа функција откако поранешниот сенатор Том Дешл се повлече поради контроверзата заради неподмирени даноци.

Доколку биде потврдена на функцијата, 60-годишната гувернерка на сојузната држава Канзас, Кетлин Себелиус, се очекува да игра клучна улога во спроведувањето на реформите во здравствениот систем во САД. Во тек е нејзиниот втор мандат како гувернер на Канзас, а претходно била државен комесар за осигурување.

Претседателот Обама прашањето за здравствената заштита го направи главен приоритет на неговата администрација. Минатата недела тој го обелодени предлог буџетот за наредната година во висина од 3,5 трилиони долари. Притоа Обама истакна дека од Конгресот бара преку 600 милијарди долари за финансирање на реформите во здравството во период над 10 години.

„Со овој буџет, правиме историска определба за темелни реформи во здравството. Ова е чекор кој не само што ќе придонесе за подобро здравје на семејствата и поголема кокурентност меѓу компаниите, туку долгорочно ќе ни помогне да го намалиме дефицитот“, истакна претседателот.

Обама изјави дека планира да го прошири здравственото осигурување, додека се забавува нивото на зголемување на трошоците за него. Претставници на администрацијата велат оти целта е да се креира универзален систем кој би водел кон подостапна здравствена заштита за сите Американци.

За викендов новинската агенција Ројтерс цитираше неименуван претставник на актуелната администрација, кој вели дека гувернерката Себелиус е позната политичарка и популарна заради нејзинот двопартиски пристап. Како комесар за осигурување, се додава во извештајот на Ројтерс, таа се залагала за подобрување на здравствената заштита на Американците, земајќи го предвид уникатното познавање на ситуацијата и искуството на кое претседателот Обама може да смета.

Изборот за нов секретар за здравство се случува во време кога Белата куќа се подготвува да биде домаќин на самит за реформи во здравствениот систем на кој ќе учествуваат законодавци и членови на клучни групи со специјален интерес.

Во интервју за телевизијата Си-Би-Ес, шефот на кабинет на претседателот Обама, Рам Емануел изјави дека реформите во здравството се неопходни за заживување на американската економија.

„Здравствениот систем е конкретен пример за тоа дека економската компетитивност на САД во светот е забавена. Ова е така бидејќи имаме систем што не им дозволува на американските работници и бизнисмени да бидат компетитивни на пазарот, а токму тоа е нашата долгорочна цел – да ја вратиме економијата во земјата во нормала.“

Републиканските законодавци изразија загриженост за предлогот за реформи во здравството и за фактот што федералната влада би имала поголема улога во здравствената заштита.

Во Одделот за здравство и здравствени услуги се вработени околу 65.000 лица и во негова надлежност се владините програми за здравствено осигурување, како и програмите за научни истражувања од областа на здравството, превенција на болести и контрола на храна и лекови.

XS
SM
MD
LG