Здравствените власти во Вашингтон наведуваат дека бројот на новозаразени од СИДА во главниот американски град е за девет пати поголем од просечниот во земјата. 80 проценти од заболените во Вашингтон се лица од афро-американско потекло. Еден Американец преку тестирање и совети се бори против оваа злокобна статистика.
Пернел Вилијамс им помага на луѓето да се справат со СИДА-та. Вилијамс работи како советник во Здравствениот дом Макс Робинсон при Клиниката Витман-Вокер. Кај него доаѓаат различни типови на луѓе да направат бесплатни тестови, за да видат дали се заразени со вирусот ХИВ што предизвикува СИДА.
Пернел ги упатува лицата чии тестови покажалае дека се заразени на соодветен третман и услуги во рамки на клиниката и општините во кои живеат. Тој воедно помага жителите на Вашингтон да се образуваат за превенција од СИДА и намалување на ризикот да се заразат.
- ХИВ е сериозна болест, но дефинитивно не е смртна казна.
Пернел додава дека многумина заразени со ХИВ живеат подолго отколку што очекувале. Неговата цел е да им помогне да имаат попродуктивен живот. Тој сепак признава дека е тешко да се надмине жигот на оваа болест.
- Многу припадници на малцинствата се` уште мислат дека тоа е болест на бели хомосексуалци. Нема ништо подалеку од вистината.
Според податоците на Пернел, еден на секои 20 жители на југозападниот дел од Вашингтон, каде главно живеат афро-Американци, е ХИВ-позитивен. Сепак, малкумина од нив се свесни за својата здравствена состојба. Пернел деноноќно работи на тоа да се тестираат што е можно повеќе луѓе. Тој верува оти и најмалиот напор може да направи разлика во борбата против ХИВ и СИДА-та: во овој кварт, во овој град, во светот.