Американскиот потпретседател Џо Бајден вели дека претседателот Барак Обама можеби уште во петок ќе ја објави одлуката за повлекување на американските сили од Ирак.
Во интервјуто за ТВ-мрежата Ен-Би-Си, Бајден кажа дека Обама ќе даде детали за повлекувањето согласно своето предизборно ветување. Обама во текот на кампањата за претседателските избори кажа дека сака да ги повлече американските борбени сили од Ирак во рок од 16 месеци. Американски официјални лица, кои говореа под услов да останат анонимни, вчера изјавија за новински агенции дека Обама уште неделава ќе објави 19-месечен план за повлекување.
Согласно американско-ирачкиот безбедносен договор постигнат минатата година, сите борбени сили ќе мора да го напуштат Ирак до крајот на 2011-та.
Во Ирак се наоѓаат околу 142.000 американски војници. Безбедносниот договор предвидува илјадници војници да останат во земјата за да ги обучуваат ирачките сили и да го заштитуваат американскиот персонал.