Шпанскиот министер за надворешни работи вели дека државата размислува за преземање затвореници од американскиот притворен центар во Гвантанамо, во Куба.
Мигуел Ангел Моратинос за шпанското радио Кадена СЕР изјави дека секое барање од Вашингтон ќе биде разгледувано од случај до случај.
Моратинос кажа дека американскиот државен секретар Хилари Клинтон побарала од Шпанија помош во врска со затворениците за време на нивната средба во вторникот во Вашингтон.
Моратинос кажа дека новата американска администрација штотуку почнува да ги студира консеквенците од преносот на затворениците.
Американскиот претседател Барак Обама нареди затворање на контроверзниот притворен центар во рок од една година. Објектот во моментов е место каде се сместени околу 250 затвореници, кои би требало да се распоредат на други места или да бидат пуштени на слобода.