Линкови за пристапност

Претседателот Барак Обама се заложи за обнова на американската економија


Во првото обраќањето во Конгресот пред полн состав, претседателот Обама ги повика Американците да ја преземат одговорноста за иднината во свои раце.

Американците мора да осознаат како САД западнаа во економска криза со цел да бидат во можност да и помогнат на земјата да излезе од тешката ситуација. Ќе сториме се што можеме – да го намалиме дефицитот на нацијата – истакна Обама во еден од најамбициозните говори на еден американски претседател, кој пред себе го има предизвикот за заздравување на најголемата економска сила во светот.

Како и што се очекуваше, фокусот на обраќањето - беше на економијата.

Лоцирајќи ги досегашните грешки, Обама рече дека САД го одложиле спроведувањето на реформите во здравствениот систем и покрај растечките трошоци.

Не беа преземени мерки за реформи во образовниот систем и покрај фактот дека американските студенти ќе имаат силна конкуренција на глобалниот пазар на сила, призна претседателот.

Обама рече дека сега е време - не само да заживее економијата, туку и да се изгради основа за долготраен просперитет на САД. Инвестирањето во енергетскиот сектор, здравствената нега и образованието ќе го поттикнат економскиот растеж.

Осврнувајќи се на планот за економско стимулирање, кој минатата недела беше усвоен во Конгресот, претседателот Обама потсети дека ќе креира 3, 5 милиони работни места.

Членовите од неговиот Кабинет, градоначалниците и гувернерите ширум САД ќе бидат одговорни пред него но и пред граѓаните – за секој потрошен долар, се заложи американскиот претседател. Рече дека владата има план да им помогне на цитираме, „одговорните“ семејства кои се соочуваат со опасност да ги загубат домовите поради неможност да ги отплаќаат ратите.

Претседателот Обама порача дека владата ќе стори се што е во нејзина моќ да го спречи слободниот пад на економијата и да понуди излез од рецесијата.

Иако беше забележително дека надворешно-политички теми беа запоставени, веројатно поради најавата следните неколку денови да одржи нов говор посветен на ирачката војна, претседателот Обама рече дека за прв пат во буџетот ќе бидат вклучени целосни трошоци за борбите во Ирак и во Авганистан.

Тој најави дека наскоро ќе го објави планот да им се остави управувањето со земјата во раце на Ирачаните и одговорно да се стави крај на војната.

Согласно традицијата, реакцијата на обраќањето на претседателот Обама од редовите на Републиканците го пренесе гувернерот од Луизијата, Боби Џиндал, кој рече дека неговата партија е подготвена да работи со претседателот.

Џиндал оцени дека секој, независно од политичаката ориентација сака опоравување на американската економија и просперитет на нацијата, но додаде дека Републиканците имаат одговорност да бидат отворени и да понудат подобри идеи за иднината.



XS
SM
MD
LG