Линкови за пристапност

САД се уште скептични за конференцијата на ОН за расизам


Стејт департментот соопшти дека се уште е скептичен дали конференцијата против расизмот спонзорирана од ОН, закажана за почетокот на април во Женева, може да понуди конструктивен приод кон прашањето.

САД ја напуштија првичната конференција на темата во Јужна Африка во 2001-ва поради нападите врз Израел, но се дел од подготвителните разговори за средбата во Женева.

Официјални лица велат дека американскиот тим кој беше испратен во подготвителните разговори во Женева, добил пријатен одглас од делегациите кои присуствувале таму. Но, во предлог-декларацијата се уште има сегменти за Израел и други теми кои се проблематични, со што американското учество во целосната конференција е под знак прашање.

Администрацијата на Обама ја прекина политиката од претходната на Буш и испрати делегација во подготвителните средби иако претходната власт во Вашингтон одлучи да не присуствува и се изјасни против одржување на конференцијата во април.

Конференцијата во Женева е продолжение на Светската конференција против расизмот, расната дискриминација, ксенофобија и нетолеранција која се одржа во Дурбан, Јужна Африка во 2001-ва.

САД му се придружија на Израел при напуштањето на средбата поради јазикот во документот за Израел и ционизмот, што САД го сметаат за анти-семитски.

Државниот секретар Хилари Клинтон испрати делегација во Женева на подготвителните разговори во кои беа вклучени американски дипломати и активисти за заштита на човековите права, вклучувајќи го Фелис Гаер, шефот на институтот Џејкоб Блауштајн за подобрување на човековите права при американско – еврејскиот комитет.

Заменикот - портпаролот на американскиот Стејт департмент Гордон Дугуит рече дека одлуката на актуелната администрација дали ќе продолжи со процесот ќе зависи од брифингот на делегацијата со секретарот Хилари Клинтон и изнесените препораки на средбата.

Прашањето со американското учество е контроверзно и неколку американско-еврејски организации повикаа на бојкот, но групи како Хјуман Рајтс Воч сметаат дека САД треба да присуствуваат на конференцијата во април, ако не за друго туку да го блокираат постигнувањето консензус за конечната верзија од завршниот документ.

XS
SM
MD
LG