Линкови за пристапност

Јужна Кореја: Северна Кореја ја зголемува воената способност


Јужна Кореја вели дека нејзиниот северен сосед ја засилува воената моќ преку распоредување на нови проектили и зголемување на бројот на специјалните сили. Среде предупредувањата од можноста Северна Кореја да тестира проектили со долг домет, официјални лица во Сеул велат дека воените капацитети на Пјонгјанг и натаму претставуваат „сериозна закана“.

Вишиот претставник на јужнокорејското Министерство за одбрана, Шин Вон-сик, изјави дека Северна Кореја ја научила лекцијата од војните во Ирак и Авганистан.

Тој вели дека Северна Кореја го зголемила бројот на специјални сили за 50 проценти од 2006 наваму, и сега располага со 180.000 војници. Вон-сик додава дека во случај на конфликт, овие трупи би се фокусирале на брзо навлегување во Јужна Кореја за стратешки напад врз американските и јужнокоресјките војници.

САД во Јужна Кореја имаат распоредено околу 28.000 војници за да одвратат или спречат каков било обид за повторување на нападот на Северна врз Јужна Кореја од 1950 година.

Шин ги издви главните точки на годишниот извештај на Министерството за одбрана, и изјави дека поентата на одлуката на Пјонгјанг да го зголеми бројот на специјалните трупи е конфузија.

Шин додава дека преку преку ширење на конфузија, Северот можно е да верува оти ќе компензира за недостатокот на современо оружје и други ресурси.

Во извештајот на јужнокорејското Министерство за одбрана се наведува и дека Северна Кореја распоредува нов вид на проектили со среден домет. Таа веќе има огромен арсенал на вакви проектили кои имаат капацитет да стигнат до цела Јужна Кореја и поголемиот дел од Јапонија.

Јужна Кореја последниве неколку недели го зголеми нивото на готовност поради најавите на Северот дека ќе тестира проектили од долг домет кои можат да достигнат дури до САД. Висок воен претставник на Северна Кореја предупреди дека од сателитските снимки видливо е дека лансирањето на овие проектили можно е да биде подготвено за неколку дена.

Во меѓувреме Северна Кореја и натаму продолжува со дневната доза на провокотивна реторика. Официјалниот весник на Пјонгјанг „Родонг Синмун“ во денешниот напис конзервативниот јужнокорејски претседател Ли Мунг-бак го нарекува „фашистички диктатор“ и го обвинува дека меѓукоресјките односи ги доведува до „фаза на целосен колапс, со што ситуацијата се наоѓа на раб на војна.“

Ли ја прекина 10-годишната благонаклонетост спрема Северот и изјави дека идната помош ќе зависи од напредокот на Северна Кореја да се ослободи од своето нуклеарно оружје.

Поранешниот американски секретар за одбрана, Вилијам Пери во обраќањето пред јужнокорејски лидери во Сеул, ја повика Јужна Кореја на мирно решавање на спорот со северниот сосед. Тој додаде дека справувањето со Северна Кореја најверојатно ќе биде едно од првите поголеми предизвици на претседателот Барак Обама.

XS
SM
MD
LG