Линкови за пристапност

Може ли Балканот да избегне нова  енергетска криза?


До сега имало многу епизоди на нафтена војна меѓу Русија и Украина, но последната, од минатиот месец, се смета за најлоша. Траеше само неколку дена, од 12ти до 19ти, но во сезона кога нафтата е најпотребна за греење, што силно се одрази на Европа и особено на Балканот.

Бугарија беше меѓу најтешко погодените со огромни губитоци на компаниите, Хрватска прогласи вонредна состојба, а главниот македонски производител на челик за извоз ја запре работата. Прашањето што се постави пред светот и посебно пред Европската Унија е - како да се спречат слични нафтени војни во иднина и кои чекори треба да бидат преземени за политичките несогласувања да немаат комерцијални реперкусии?

На собир во Вашингтон беше повикан Ангелос Пангратис, министер и заменик раководител на делегацијата на ЕУ во САД, да го изнесе ставот на Европа по многубројните состаноци на Унијата на оваа тема.

„Многу стручњаци велат", кажа тој, „дека ако се имаат предвид релативните трошоци, гледано среднорочно, поветувачко е да се инвестираат ресурси за подобрување на способноста да се пренасочи текот на нафтата отколку да се подобри способноста за создавање резерви, што очигледно е многу скапо. Но, тоа секако не значи дека имањето резерви не е корисно во долгорочна перспектива".

Нафтата сега тече единствено од исток кон запад. „Исклучително важно е", вели Пангратис, „да се создаде техничка способност да се оди во другата насока".

Но тоа значи нова инфраструктура, а за тоа треба време и, повеќе од се, пари, што се чини никој ги нема.

Па сепак, опцијата за изградба на нафтоводот Набуко , што значи нафта од Централна Азија да доаѓа во Европа преку Турција, доби приоритет меѓу идеите.

Чарлс Капчан од Советот за односи со странство за Гласот на Америка вака објаснува:

„Набуко донесува нов извор за снабдување, и тоа таков што ја заобиколува Русија, што значи дека Русија ќе има помала контрола на целокупното европско снабдување со нафта. Треба да се види дали е финансиски исплатливо, кога и дали воопшто ќе биде изградено. Тое е навистина опција број еден кога се работи за зголемување на сигурноста на снабдувањето. Југоисточна Европа во ова има особен интерес бидејќи нафтоводот ќе влегува во Европа низ југоисточна Европа, а тоа се државите кои имаат екстремно висока зависност од руската нафта.

Европа сеуште нема кристално јасен став, но амбасадорот Пангратис соопшти дека „де факто Набуко доби поддршка, односно Комисијата предлага Набуко да добие финансиска поддршка, што зборува дека Набуко се дефинира како приоритетен европски проект".

Што значи тоа, е друго прашање. Амбасадорот посочи на излагањето на канцеларот Ангела Меркел кога во екот на последната криза зборуваше за потребата од диверзификација на рутите по кои се движи нафтата. „Никој не се противи на таквиот став", вели Пангратис, „но постои согласност дека иако сите нафтени рути се драгоцени, има одредени кои уживаат приоритет. Овие две работи заедно ја сочинуваат сегашната позиција на ЕУ по ова прашање".

Од теоретски аспект, пак, Капчан вели дека нафтената војна меѓу Русија и Украина ја стави ЕУ во многу тешка позиција. „Унијата останува зависна на увоз на енергија од Русија и за прекин на таа зависност ќе биде потребно многу време, заради едноставен факт што во догледна иднина индустријализираните држави ќе се потпираат на фосилно гориво за енергија и да изградат нови нафтоводи, ако воопшто изградат, ќе е потребно години. А тоа ги остава државите во Европа, и притоа особено државите од централна Европа и југоисточна Европа, многу ранливи. Затоа мислам дека односот на Европа со Русија треба да биде во преден план како дел од енергетската политика. Знаејќи дека Русија може да го запре и да го пушти текот на нафта, ЕУ мора да биде многу внимателна во однос на природата на тие релации со Русија".

А тоа особено го видовме во случајот на војна со Грузија. САД беа поподготвени да преземат потези за казнување на Русија, поподготвени да кажат дека ги прекинуваат врските со Русија, но Европа сакаше да ги одржи. Делумно заради близината, од геополитички причини, но делумно заради енергетската меѓузависност.

И кога ЕУ не може да изгради заеднички став, што им преостанува на помалите држави? Капчан вели, „тие немаат избор. Нафтата доаѓа и ќе доаѓа од Русија во догледна иднина и тоа мора да се инкорпорира во нивната дипломатија".

XS
SM
MD
LG