Линкови за пристапност

Сателит на НАСА како набљудувач на нивото на јаглерод диоксид


Кои земји ги почитуваат своите обврски да го намалат испуштањето на штетните гасови што придонесуваат за глобалното затоплување? Кои се земјите што оглушуваат? Сателитот што ќе кружи околу Земјата ќе се обиде да даде одговор на овие и на слични прашања поврзани со животната средина. Сателитот на НАСА ќе биде лансиран на 23 февруари и ќе следи кои се изворите на зголеменото ниво на јаглерод диоксид, како и локациите каде оваа штетна материја се апсорбира.

Професорот од Универзитетот на сојузната држава Вашингтон, Џорџ Маунт, се обидува да ја разјасни оваа мистерија. Автомобилите, фабриките и сите ние произведуваме јаглерод диоксид, главниот причинител на глобалното затоплување. Но, да се следи оваа штетна материја, не е ни најмалку лесно.

„Околу половина од произведениот јаглерод диоксид останува во атмосферата, а другата половина некаде изчезнува, голем дел од неа оди во океаните, очигледно голем дел од јаглеродниот диоксид оди во растенијата“, вели Маунт.

Местата кои апсорбираат големо количество на јаглерод диоксид се наречени „лавабоа“, а луѓето се мошне заинтересирани од научен и политички аспект, каде точно се наоѓаат тие, вели професорот Маунт.

Џорџ Маунт се занимава со проучување на составот на атмосферата. Тој воедно е член на меѓународниот тим експерти кои помогнале да се креира и тестира првиот сателит на НАСА што ќе го одредува нивото на јаглерод диоксид.

„Идејата на сателитот е да даде најпрецизни податоци за концентрацијата на јаглеродниот диоксид во светот, за потоа да почне со процесот на откривање од каде точно доаѓа и каде завршува“, вели Маунт.

Со помош на сателитот кој ќе биде поставен на 690 километри над земјината топка, ќе може да се открие безбојниот и без мирис јаглерод диоксид.

За овој проект НАСА издвојува голема сума пари – 300 милиони долари. Податоците за концентрација на штетните материи на кој било дел од планетата Земја се очекува да бидат на располагање неколку месеци по лансирањето на сателитот.

XS
SM
MD
LG