Линкови за пристапност

„Зелена“ населба во Денвер


Стариот аеродром Стејплтон во Денвер, сојузната држава Колорадо беше затворен во 1995-та и стана еколошка средина во близина на центарот на градот, привлекувајќи многумина да живеат во тоа соседство.

Со затворањето на аеродромот во Денвер одеднаш се отвори урбана, неизградена површина од речиси 2.000 хектари. Сега на тоа место се наоѓа населбата Стејплтон. Џорџ Џонсон и неговото семејство таму се преселиле во 2001-ва:

-Сопругата сакаше да се преселиме подалеку, но јас одлучив да останеме поблизу до работните места. Слушнав дека планираат да изградат населба во Стејплтон, да создадат заедница.

Стејплтон ја наврши осмата година од 20-годишниот развоен план. Заедницата на крајот треба да брои 30.000 луѓе, со што ќе стане еден од најголемите проекти на обнова во рамки на еден американски град. Повеќе ги нема пистите. Тие се преиначени во весосипедски и трим-патеки.

Марк Мерингер работи од дома, а наоколу се движи со велосипед. Вели дека улиците на Стејплтон се приспособени за пешаци, а училиштата, продавниците и игралиштата во непосредна близина се идеални за потребите на неговото семејство:

-Парковите се извонредени. Можеме да возиме со велосипед со часови без да преминеме улица.

Куќите и другите згради во Стејплтон се според еколошки стандарди. Мерингер вели дека е поефтино да се затоплуваат и разладуваат:

-Има најмалку десетина домови со соларни плочи на покривите – меѓу нив и мојата. Ова е сончева област што треба да се искористи, особено со неодамнешните поскапувања на електричната енергија.

За заедницата е важен самоодржливиот развој, според Том Глисон, портпарол и главен архитект на компанијата Форест Сити Стејплтон, која ја градеше населбата:

-Се обидуваме да ја заштитиме животната средина во Стејплтон. При изградбата на дом може да направите многу работи во таа насока, а истовремено да не потрошите многу средства.

Некогашната кула на контролата на летање ќе остане како споменик за историјата на Стејплтон.Но, покрај неа, Глисон вели дека нема многу потсетници дека ова некогаш бил аеродром:

-На крај целосно ќе ја интегрираме оваа населба во околните, со што Денвер практично ќе се прошири одвнатре.

Глисон вели дека проектот покажува дека решението не мора секогаш да биде во непланско ширење на предградијата подалеку и подалеку од центарот на градот – лекција што градските татковци се надеваат дека ќе биде применета и на други места во САД.

XS
SM
MD
LG