Линкови за пристапност

Една година од независноста на Косово


На 17-ти февруари 2008-ма, Косово прогласи независност од Србија. САД и повеќето од земјите на ЕУ ја признаа независноста на новата држава, додека Србија, поддржана од Русија, и натаму е против. Една година подоцна постои причина за прослава, но и многу предизвици.

Пред една година, етничките Албанци на Косово играа на улиците и пукаа во воздух откако Косово прогласи независност од Србија. Во крвавата граѓанската војна меѓу етничките Албанци и Србите пред една деценија загинаа 10.000 лица. За „контролата“ на косовската независност се грижи ЕУ и тоа според планот на добитникот на Нобеловата награда и поранешниот претседател на Финска Марти Ахтисари.

Чарлс Капчан е научен соработник во Советот за односи со странство. Тој го истакнува релативно мирниот премин кон независноста на Косово.

-Веќе завладеа одредена нормализација на ситуацијата, во однос на тоа дека е направен аранжман ЕУ да игра поголема улога, ОН помала, а повеќето европски земји и САД ја признаа независноста на Косово, вели Капчан.

Косово го призна над една четвртина од земјите во светот. Русија и Србија одбија да го сторат тоа, и не е веројатно да го променат мислењето.

-Тоа значи дека земјата некое време ќе биде ни ваму - ни таму, нема да добие место во ОН. Нема да ужива целосен статус на суверенитет како многу други земји, коментира Капчан.

Пол Вилијамс, професор на Американскиот универзитет во Вашингтон, смета дека народот и владата на Косово постапиле правилно и не треба да имаат чувство дека нивниот статус е спорен.

-Можеби не е членка на ОН, но Косово е земја која ги задржува сите права и обврски на една независна земја, вели Вилијамс.

Сепак, важните предизвици допрва престојат.

ОН, на барање на Србија, побараа од Меѓународниот суд за правда да даде мислење за легалноста на прогласувањето на независноста на Косово.

Според Светската банка, околу 45 проценти од косовското население живее во сиромаштија.

Односите меѓу албанското мнозинство и српското малцинство на Косово се речиси непостоечки. Србите, на кои отпаѓаат седум проценти од наслението, главно се концентрирани на северниот дел. Пол Вилијамс вели дека стравувањата од поделба се реални.

XS
SM
MD
LG