Линкови за пристапност

Кое прашање ќе биде доминантно во кампањата за претседателски избори?


Дали Македонија е меѓународно изолирана или не? Околу ова прашање почнаа да се кршата копјата меѓу претседателските кандидати на двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. За кандидатот на СДСМ Љубомир Фрчковски, Македонија е во се` подлабока излозација поради тоа што не е коструктивна - како што смета Фрчковски - во процесот за изнаоѓање на решение за името. Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорги Иванов, пак, го тврди спротивното.

Според ваквите тонови на дебатата - уште пред официјалниот старт на изборната трка - се претпоставува дека прашањето поврзано со изноѓање на решение за името ќе се наметне како доминантно во изборната дебата. Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека името за нив ќе биде важна тема.

-Сите работи кои се битни за граѓаните на Република Македонија ќе бидат дел од програмата. Секако, тоа е и проблемот што Република Грција го има во однос на нашето уставно име, вели Александар Николовски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Социјалдемократите, пак, велат дека името не е единствениот проблем со кој се соочува државата.

-Програмата, а и воопшто, иднината на оваа земја не може да се сведе само на прашањето за името, коментира Ѓунер Исмаил од изборниот штаб на Љубомир Фрчковски.

Кандидатот на ЛДП Нано Ружин најавува дека за него ќе бидат важни социјалните проблеми на граѓаните:

-Не можеме да ги заборавиме прашањата на сиромаштијата, социјалната политика, економската и финансиска криза која надоаѓа, вели Ружин.

Во изборните штабови на етнички албанските политички партии не коментираат дали името за нив ќе биде главна тема. Велат - најважна ќе биде интеграцијата на Македонија во евроатлантските институции.

XS
SM
MD
LG